Свет
15. April 2026 - 16:51

Турција: Осмоодделенец, син на полицаец, со оружје од татко му во училиште уби четири лица, рани 20 па се самоуби

Осмоодделенецот кој уби четири лица и рани 20 други во училиште во југоисточниот турски град Кахраманмараш е мртов, соопшти гувернерот на округот, Мукерем Унлујер, пренесе ТРТ Хабер.

Напаѓачот влегол во две училници со ученици од петто одделение, каде што отворил оган. Според телевизијата НТВ Турција, тој пристигнал во училиштето со пет парчиња оружје и седум рамки со муниција.

Весникот Милиет објави дека властите го привеле таткото на момчето, кој е поранешен полицаец.

– Во моментот на хаосот, тој се застрелал. Не е целосно јасно дали станува збор за самоубиство или за инцидент во тој метеж, но тој е мртов. Напаѓачот е ученик во осмо одделение и учел во истото училиште. Неговиот татко е поранешен припадник на безбедносните служби и претпоставуваме дека го земал оружјето од него. Нападот се случил во две училници – изјави гувернерот на Кахраманмараш .

Тој ги демантираше информациите што се појавија на социјалните мрежи дека имало слични напади и во други училишта во округот.

Според последните информации, кон училиштето се упатиле и министерот за внатрешни работи Мустафа Чифтчи, министерот за образование Јусуф Текин и министерот за здравство Кемал Мемишоглу.

Министерот за внатрешни работи соопшти дека во рамки на истрагата се испратени осум службеници на Министерството за внатрешни работи.

Министерот за правда Акин Гурелек информира дека на местото на настанот се испратени седум обвинители – тројца заменик-јавни обвинители и четворица обвинители ќе учествуваат во истрагата.

– Во врска со истрагата донесена е одлука за забрана за пренос во живо. Апелираме до медиумите да ја почитуваат тајноста на истрагата – наведе Гурелек.

Причината за нападот засега не е позната.