Македонија
15. April 2026 - 16:44

Трговците сами си ја намалиле заработката за да нема нагло поскапување на производите

Маркетите скратиле дел од својата заработка за цените на производите да не скокнат нагло – ова го покажува извештајот на Министерството на економија. Анализата на 55 најпродавани производи во четири различни трговски синџири, покажала дека од почетокот на февруари до април, цените пораснале за 0,43 проценти.

Оваа бројка е интересна ако се земе предвид дека во истиот период, цените по кои трговците ја набавувале стоката пораснале за повеќе од еден процент. Тоа практично значи дека трговците не го префрлиле целиот товар од поскапувањето врз купувачите, туку решиле да работат со помала маржа.

Пазарните инспектори забележале пораст кај цените на млечните производи како сирењето и киселото млеко, заедно со јајцата и маслото за јадење. Поскапеле и доматите и кромидот, но збирно гледано овошјето и зеленчукот има пад од околу 0,86%. Поевтиниле и безалкохолните пијалаци. Најголемо поскапување од скоро еден и пол процент има кај хигиенските производи.

-Во моментот размислуваме како да дојдеме до поевтини цени за одредена група на производи, каде што имаме двоцифрен број проценти на зголемување и набргу ќе излеземе со таков став. Инаку, имаме и производи, кои, за волја на вистината, се и поевтинети – изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Состојбата со горивата е стабилна. Од нафтените резерви не е потрошен ниту еден литар, вели премиерот. Според движењата на светските берзи, Мицкоски вели дека и следната недела цените на горивата најверојатно ќе останат исти или пак ќе бидат намалени. Кризната состојба ќе продолжи.

-На вчерашната владина седница се донесе одлука таа да се продолжи уште одреден период. Ќе имаме дополнителна седница, на која ќе донесеме мерка за сè уште да го држиме данокот на додадена вредност на 10 проценти наместо на 18 проценти, во зависност од цените на берзите така ќе бидат и акцизите. Има таму, во согласност со законот, колкави треба да бидат тие попусти – вели Мицкоски.

Попустот за најголемиот дел од бензинските станици е во сила до крајот на април, а како што рече Мицкоски, се преговара за дополнително намалување на дизелот.

-Ќе видиме, мислам дека се буткаме на рака за уште еден денар да извадиме по литар – кажа тој.

Вчера Регулаторна ги намали цените на горивата, па заедно со попустот, бензинот БС-95 од денеска се продава по 80 денари, 98-октанскиот за 82, а дизелот за 92,5 денари по литар.