Трибина на ВМРО-ДПМНЕ во Пехчево
Непредвидливоста, невладеењето на правото и лошиот образовен и здравствен систем главна причина за масовното иселување од Македонија, констатира ВМРО-ДПМНЕ.
На трибина во Пехчево, град од кој низ годините си заминаа многу луѓе, претставниците на опозициската партија ја обвинија власта дека е директно виновна за тоа што се повеќе млади бараат подобар живот во западните држави.
Велат, иселување имало отсегаш, но сега училиштата се празнат, а се раѓаат и се помалку деца.
- Имало печалба, имало гурбет, имало луѓе кои од помалите места оделе за Скопје, Белград, Софија, оделе за Солун, за Германија за прекуокеанските земји, но ваков егзодус и ваква демографска катаклизма сме немале никогаш, вели поранешниот пратеник Владимир Ѓорчев.
Според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, главна причина за егзодусот било популистичкото владеење на сегашната власт.
- Денешните законски решенија кои тие ги нудат се само реакција од граѓаните. Кога одреден сектор ќе реагира, ќе застане, ќе каже дека има проблеми, тогаш се измислуваат ад-хок мерки со коишто моментално се купува мир, а тоа не е решение кое Македонија ќе ја води во правилен смер, вели Мицевски.
Опозициската партија е убедена дека може да се справи со губењето на човечкиот капитал. Претставници на ВМРО-ДПМНЕ велат дека за вака комплексно прашање потребни се долгорочни стратегии со мерки и политики кои прво ќе го спречат иселувањето, а потоа ќе резултираат и со нивно враќање.
Иако до парламентарните избори има уште најмалку седум месеци, опозицијата тврди дека веќе работи на стратегија која ќе се базира на семејството како столб на општеството и која, според нив, ќе резултирала со постабилна економска држава.
- Сите мерки и проекти кои ќе бидат дел од таа стратегија треба да бидат фокусирани и да ги опфатат сите целни групи и возрасти во државата. Јас би одела конкретно. За младите се знае, квалитетно образование, масовно вработување на младите, зголемување на платите зашто не можат да се задржат со ниски плати, да се вратат оние проекти коишто беа „Купи куќа, купи стан“, вели пратеничката Жаклина Пешевска.
Иако се уште е рано за парламентарните избори, ВМРО-ДПМНЕ веќе е во предизборна кампања. Последните три недели организира по две трибини неделно на кои учествуваат партиските функционери.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
