Македонија
11. May 2026 - 20:37

Товарно возило усмрти 89-годишен росоманец, затворен патот Градско – Прилеп

Загина 89-годишен росоманец, во него удрило товарно возило, потврди за МИА портпаролката на Секторот за внатрешни работи - Велес, Ана Милевска Ѓеоргиева.

- Денеска во ОВР - Кавадарци пријавено е дека во 18:55 часот на регионален пат Градско-Прилеп, во Росоман, товарно возило „сканиа“ со кавадаречки регистарски ознаки со приколка управувано од Р.Љ., на возраст од 45 години од Кавадарци, удрило во пешак К.Ѓ., на 89-годишна возраст од Росоман. Од повредите, на местото на несреќата починал пешакот, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош - Кавадарци - појасни Милевска Ѓеоргиева.

Известен бил јавен обвинител и во тек е увид од страна на увидна екипа од ОВР - Кавадарци.

Во моментов, сообраќајот на регионалниот пат Градско - Прилеп е во прекин и се пренасочува по регионалните патни правци Р103 и Р107.

 

МИА