Македонија
11. May 2026 - 16:33

ЕУ разгледува можност за постепено интегрирање, Муцунски бара да нема билатеризација

Во Европската Унија има место за сите земји од Западен Балкан, но напредокот зависи од реформите, порача еврокомесарката за проширување. Кос пред денешниот состанок на министрите за надворешни работи во Брисел, рече дека проширувањето е врвен приоритет на Унијата, а помеѓу државите се разгледуваат повеќе можности за постепено интегрирање на земјите кандидати, не само преку единствениот пазар, туку и за соработка во областа на одбраната.  

„Принципот кој сега го спроведуваме е стар 40 години. Живееме во време кое бара побрзи и пофлексибилни решенија. Ова не е мирен период и немаме луксуз на долги одложувања“, порача Кос

Реформите се клучни за влез во европското семејство е пораката и од високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас. Следниот чекор за потврда на силната посветеност кон проширувањето ќе биде самтиот ЕУ Западен Балкан кој на 5 јуни ќе се одржи во Подгорица.  

Ова е можност да разгледаме што друго може да се направи. Тие се заинтересирани за нашата соработка во борбата против хибридните закани со кои се соочуваат, а за возврат очекуваме реформи од нив за да можеме да продолжиме со проширувањето – наведе Калас.  

На состанокот присуствува и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, кој пред почетокот на Советот порача дека Западен Балкан не смее да остане сива зона на Европа. Македонија изминатите месеци има постигнато конкретни резултати во спорведувањето на реформската агенда, а според Муцунски на земјите од регионот потребен им е јасен и кредибилен пат кон ЕУ. 

Нашата порака до земјите членки е повеќеслојна. Потребно е да се оттргнеме од билатерализацијата на пристапните критериуми, но и да се засили ангажманот за прашања кои одат и пошироко од самиот процес на проширување, особено во областите на безбедноста и одбраната, економијата и трговијата, енергетската безбедност, безбедноста на храната и дигитализацијата“, истакна министерот Муцунски.

Иако на Советот присуствува и новата бугарска министерка за надворешни работи Велислава Петрова – Чамова,  засега нема информации дали е планирана средба со македонскиот шеф на дипломатијата.