Македонија
11. May 2026 - 16:33

Ниту еден од 13-те полицајци не се чувствува виновен за трагедијата во „Пулс“

Ниту еден од тринаесетмината полициски службеници кои на кобниот 16 март биле на служба во импровизираното кабаре „Пулс“ не се чувствува виновен за трагедијата. Дел кажаа и дека направиле сѐ што можат и сѐ што било во нивна законска надлежност за да спречат поголема трагедија.

Пред почетокот на главната расправа се одржа подготвително рочиште на кое одбраната бараше предметот да биде одложен додека не заврши главниот предмет, со аргумент дека дел од прашањата прво треба да бидат одговорени во тој предмет. Судот го одби ова барање.

Обвинителката Спасенка Андонова во воведниот говор кажа дека Акцискиот план за проверка на угостителски објекти не бил одобрен и потпишан на време, туку тоа било сторено по трагедијата. Дополнително, според Обвинителството смета дека не сториле доволно за да помогнат во целиот хаос кој се создал во објектот.

Имале можност при влегувањето во клубот да забележат присуство на пиротехника, и иако тоа не им било стрикно наведено во планот за акциска контрола, согласно другите овластувања и можности коишто ги имаат како полициски службеници имале обврска тоа да го проверат и да го спречат. Дополнително им се става на товар и дека од нив не постапувале и во делот на намалување на последиците, односно, ризикот којшто се создал преку непружање или несоодветно постапување во делот на заштита и извлекување на дел од заглавените лица во клубот „Пулс“, рече обвинителката Спасенка Андонова

Воведни зборови имаше и дел од одбраната. Според одбраната, Обвинението е контрадикторно. Службениците, според одбраната, не знаеле дали имало пиротехника во т.н кабаре, ниту можеле да претпостават дека ќе се случи пожарот.

Со ниту еден доказ застапникот на обвинението не ја докажува колозалната врска помеѓу сега обвинетите и настанувањето на пожарот, а токму ова ќе биде најголем аргумент на нашата одбрана. Полициските службеници постапувале по вообичаен план во кој е наведено дека треба да се изврши контрола на точење на алкхохол на малолетни лица, контрола на присуство на малолетни лица по 24 часот, контрола на лица кои вршат обезбедување на угостителски објекти и откривање и документирање на други кривични дела по останатите Закони во МВР, рече адвокатот Антонио Саздов, застапник на четворица обвинети во воведниот говор

Одбраната на дел од обвинетите тврди дека не сите полициски службеници биле во објектот во критичните моменти. Конкретно, полицаецот Маслум Рамаданов веќе постапувал против лице кај кое било пронајдена дробилка со фрагменти од марихуана

- Бил должен да го спроведе лицето во полициска станица, да го извести неговите старешини и тоа го сторил по што заедно со лицето и со предметот излегле надвор пред дискотеката по што додека разговарал со неговите старешини пиротехниката била активирана и настанал пожарот. Од ова произлегува дека што и да направил, секој полициски службеник којшто бил работно ангажиран неизбежно е да бил обвинет, вели адвокатот Зоран Зафировски, застапник на Маслум Рамаданов. Рочиштето го следеа и родителите на жртвите во трагедијата во „Пулс“.

-Голем дел од обвинетите биле токму таму таа ноќ. Гледале, слушале, знаеле, но денес одеднаш сите се претворија во немоќни набљудувачи додека вината кружи од еден на друг и мистериозно исчезнува некаде по високите структури.

Едни велат, не било наша надлежност, други не добивме наредба, трети, не знаеме, рече претседателот на Здружението „16 март 2025“. 

Од истрагата на Обвинителството за организиран криминал и корупција произлегоа три предмети против полициски службеници. За едниот, во кој обвинети беа тројца полицајци зашто прекрошиците наместо на компанијата која стои зад „Пулс“ ги пишувале на неактивен субјекѕ, судот изрече условни казни. Третиот предмет, во кој обвинети се деветмина полицајци предметот ќе почне на 1 јуни.