СВР Струмица наоѓа трајно решение за импровизираните дрвосечачки машини
Секторот за внатрешни работи Струмица започнува со реализација на проект со кој конечно ќе се стави крај на деценискиот проблем со импровизираните возила за сечење дрва.
Со обезбедување соодветни приколки и адаптација, возилата целосно ќе се усогласат со сообраќајните прописи и законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Иницијативата се реализира во соработка со Општина Струмица и општествено одговорни компании преку кои се обезбедуваат приколките кои потоа ќе им бидат донирани на лицата што ја извршуваат оваа дејност.
Од полицијата потенцираат дека на проблемот му се пристапило внимателно и од социјален и од економски аспект со цел да не се загрози егзистенцијата на семејствата кои зависат од оваа работа. Наместо санкции и казни, пронајдено е трајно решение со кое нема да се наруши безбедноста во сообраќајот, ниту пак економската стабилност на граѓаните.
За лицата кои се занимаваат со оваа дејност ова за нив ќе значи многу, бидејќи конечно ќе можат да работат непречено и во рамки на законот.
Проектот е во завршна фаза и многу наскоро се очекува овие лица да ги добијат соодветните приколки.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
