Светски ден на контрацепција: Современа контрацепција користат само 14% од младите жени

Според последните достапни национални податоци од Истражувањето на повеќекратни индикатори (MICS) 2018–2019 на УНИЦЕФ, 43,9 отсто од паровите на возраст од 15 до 49 години кои се во брак или заедница во земјава користат прекинат сексуален однос како метод за спречување бременост, додека современа контрацепција користат само 14 отсто. Ова покажува дека традиционалните методи и понатаму имаат значително место во практиките за спречување бременост, додека употребата на современи методи останува ниска.
Контрацепцијата треба да биде прашање на информиран личен избор, а не на тоа колку некој може да си дозволи, каде живее или дали има пристап до навремени и точни информации.
По повод Светскиот ден на контрацепцијата, кој годинава се одбележува под мотото „Избор без бариери“, Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА потсетува дека зад правото на избор мора да стои и функционален здравствен систем кој обезбедува достапна контрацепција, квалитетно советување и услуги за сексуално и репродуктивно здравје.
Ниската употреба на современа контрацепција не е само прашање на личен избор. Кога методите не се финансиски достапни или не се обезбедени преку здравствениот систем, изборот не е еднаков за сите.
Иако во 2026 година контрацептивните лекови се вклучени на Есенцијалната листа, тие и понатаму не се покриени од задолжителното здравствено осигурување. Затоа, следниот чекор е нивно вклучување на Позитивната листа на лекови, со што контрацепцијата ќе стане финансиски подостапна за граѓаните.
Состојбата е особено загрижувачка кај младите. Според податоците, околу 14 проценти од младите жени на возраст од 20 до 24 години користат современ контрацептивен метод, додека 38,6 отсто се потпираат на прекинат сексуален однос. Кондом користат 11 проценти од младите жени во оваа возрасна група.
Мотото „Избор без бариери“ треба да стане реалност и во земјава. Не е доволно контрацепцијата формално да биде препознаена како потреба во здравствениот систем – таа мора да биде и финансиски достапна за граѓаните. Затоа, потребно е современите контрацептивни средства да се вклучат на Позитивната листа на лекови и да се обезбеди пристап до квалитетно советување и услуги за сите.
За да се намалат нееднаквостите и да се обезбеди вистински избор на контрацепција, ХЕРА повикува на: вклучување на современите контрацептивни средства на Позитивната листа на лекови и нивно покривање преку задолжителното здравствено осигурување; зголемување и одржливо финансирање на државните програми за контрацепција, со посебен фокус на младите и лицата кои се соочуваат со економски и други бариери; обезбедување достапни, доверливи и научно засновани информации и советување за сексуалното и репродуктивното здравје, вклучително и за современите методи на контрацепција, преку сеопфатното сексуално образование, кое ќе им овозможи на младите да стекнат знаења и вештини за информирани и одговорни одлуки за нивното сексуално и репродуктивно здравје.
На Светскиот ден на контрацепцијата, пораката е едноставна: изборот е право, но за да биде вистински избор, мора да биде придружен со достапност. „Избор без бариери“ значи секој човек да има реална можност информирано да одлучува дали, кога и колку деца сака да има, без финансиски, географски или други бариери до контрацепција.
МИА
Ново на Сител
-

Спроведувањето на преземените обврски влегоа во заклучоците на Мешовитиот парламентарен комитет
-

Дебата „Западен Балкан во поредок што се менува, проширување, идентитет и демократски иднини“
-

Малолетници нападнале, соблекле и снимале 6-годишно дете во соблекувалната на училишната спортска сала во Кочани
-

Инспектор од АХВ барал пари за да не напише прекршок, пријавил сопственик на угостителски објект
-

12 октомври стартува „Safe city“ во Oхрид, Струга, Дебар и Кичево
-

Студентите бараат од МОН зголемување на субвенционираниот студентски оброк
-

Ќе продолжи ли повластеното ДДВ кај дизелот од понеделник?
-

Еврокодови за посигурни градби: Ќе поскапи ли квадратот?
