Македонија
26. September 2026 - 15:08

Малолетници нападнале, соблекле и снимале 6-годишно дете во соблекувалната на училишната спортска сала во Кочани

Училишната соблекувална, наместо безбедно место за спорт и дружба, се претворила во сцена на инцидент и врсничко насилство што ја вознемири јавноста во Кочани. Шест и пол годишно дете било жртва на физички напад од малолетници, кои и покрај тоа сто го нападнале, го соблекувале, а чинот го снимале со паметен часовник. Случајот го пријавил неговиот татко полиција. 

Од полицијата велат дека известен е јавен обвинител и Центар за социјална работа. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Овој случај е последен во низата од почетокот на учебната година. Пред два дена почина 13 годишното дете кое во населбата Бутел беше избодено со нож од други малолетници. Минатата недела пак со тешко телесни повреди се здоби 15 годишно момче откако беше претепано во училишниот двор во ОУ Тихомир Милошевски во Волково, исто од негови врсници. 

Според психолозите малолетничкото насилство најчесто се случува поради потреба за доминација, докажување во групата, меѓутоа и несоодветна регулација на емоции која резултира со насилство. Кај жртвите пак, психолошките последици може да бидат тешки. 

Училишните психолози треба да работат и со насилниците и со жртвите, меѓутоа ако траумите и последиците се тешки, треба да се побара и друг вид психолошка помош за децата. 

Македонија се наоѓа меѓу првите десет земји по регистриран процент на врсничко насилство, покажаа податоците од минатогодишниот Национален извештај. Според овие статистики, на мета на булингот најчесто се наоѓаат 11 годишните момчиња.