Македонија
6. January 2024 - 16:36

Српски теоретичар на заговори ќе го расветлува убиството на Вања и Панче

Без многу информации со свои теории и претпоставки помина бомбастично најавуваното видео на Срѓан Ного, поранешен српски пратеник. Во излагање кое траеше повеќе од 1 час и кое повеќе личеше на одбрана на еден од осомничените, Ного тврдеше дека таткото на Вања е тој кој што го решил целиот случај а за возврат добил притвор. Објави неколку видео снимки кои до сега не и беа презентирани на јавноста но за ниту една од нив не може да се потврди дека е автентична, односно дека е направена во времето во кое се тврди дека е снимена.

Меѓу снимките се слуша и глас кој наводно е на таткото на Вања но нема начин да се утврди дали навистина тој е снимен во полициска станица или пак е подметнат за да се влијае на истрагата.
Адвокатот на Таткото на Вања, поранешниот судија Владимир Туфегџиќ потврди дека гласот кој е слуша е оној на Александар Ѓорчевски но не сакаше да коментира каде е снимен ниту пак во какви околности.
Срѓан Ного е прилично контроверзен лик во Србија. За себе вели дека е голем приврзаник на рускиот Претседател Путин, не верува во 5г технологија и редовно објавува разни теории на заговори. Имал серија проблеми со законот, главно поради недолични јавни настапи и обиди да привлече внимание.

Македонското обвинителство не е загрижено што вакви ликови објавуваат материјали поврзани со истрагата. Велат, имаат многу докази и не гледаат простор за било какво загрозување на процесот.
На средина од неделава судот им ги продолжи притворите на сите петмина осомничени кои се во Македонија додека Палчо доби краткотраен затвор во Турција, додека се чека да биде комплетирана процедурата за негова екстрадиција.