Спасовски тврди дека Македонија е безбедна, земјите од ЕУ ги враќаат контролите на границите
Терористичките напади низ Европа, воените конфликти во Украина и на Блискиот исток и тензиите помеѓу Србија и Косово, барем засега не се закана за безбедноста на земјава. Министерот Спасовски во интервју за Гласот на Америка вели дека иако безбедносните закани се сериозни, состојбата е стабилна. Покрај МВР, сите служби и агенции на дневна основа превземаат и превентивни мерки за да се спречи било какво нарушување на безбедноста.
Во меѓувреме зголемените тензии на континентот, приливот на мигранти и особено терористичките напади во Франција и Белгија, се сериозна закана за Европската Шенген зона на отворени граници. Австрија, Чешка, Полска, Франција, Германија, Италија најавија зајакнати гранични контроли.
Од денеска во следните 10 дена ова во пракса го применува Словенија на граничните премини со Унгарија и Хрватска.
Пет дена по терористичкиот напад во Брисел во кој беа убиени двајца шведски навивачи, белгискиот министер за правда си поднесе оставка. Винсент Ван Квикенборн вели дека превзема одговорност откако истрагата откри дека правосудните власти повеќе од една година не постапиле по барањето на Тунис за екстрадиција на вооружениот напаѓач.
- Оваа нова информација од Јавното обвинителство ме погодува во срцето бидејќи дадов се од себе за да го подобрам Министерството за правда. Оваа информација му ја пренесов на премиерот (Александар Де Кро) и го информирав дека поднесувам оставка од функцијата министер за правда. Би сакал да им се извинам на жртвите и роднините во име на Министерството за правда. Би сакал да им се извинам во име на Министерството за правда на шведскиот и белгискиот народ, рече Ван Квикенборн
Првичната истрага на обвинителите покажа дека напаѓачот член на Исламската држава намерно убивал шведски државјани мотивиран од палењето на Куранот во Шведска. Во август, Шведска ја подигна тревогата за тероризам на второ највисоко ниво, откако палењето на Куранот ги налути муслиманите и предизвика закани од џихадистите.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
