Македонија
18. November 2022 - 16:40

Сослушувањето на Димовски заврши на пренос во живо, директорот на АНБ призна пропусти во постапката за Онишченко

Агенцијата за национална безбедност направила сериозен пропуст и дала позитивна оценка на контроверзниот Украинец Онишченко за македонски пасош иако за тоа немало основ, призна првиот човек на АНБ Виктор Димовски. Тој, пред собраниската Комисија за надзор на неговата работа, но и пред медиумите обелодени дека еден од 10-те оперативци кои го обработувале барањето на Онишченко потфрлил во работата.

Сепак, директорот на АНБ иако го ставил последниот потпис на оценката за Онишченко не чувствува лична одговорност за случајот, но вели дека од нејзе нема да бега ако тоа го бараат пратениците или надлежни институции.

Дополнително, Димовски бара кривична одоговрност од пратеник на ВМРО-ДПМЕН кој објавил доверливи информации за оперативци на АНБ со тврдење дека ја следат опозицијата, а изнесе и безбедносни информации за друг опозицинер иако вели дека политичари не биле цел на обработка.

За опозицијата признанието на Димовски за Онишченко значи негова одговорост за случајот  и спорен кредибилитет за неговата идна функција како амбасадор.

И додека земјата ја тресе сериозен безбедносен скандал, токму на отчетот на директорот на АНБ се случи друг безбедноснен пропуст. Иако Надзорната Комисија беше затворена за јавност и само за пратеници што имаат безбедносни сертификати, таа тонски во живо се пренесуваше на собранискиот јутуб канал додека се чекаше пленарна седница.

По овој безбедноснен пропуст, Комисијата денеска ја прекина работата, но Пренџов најавува дека Димовски не завршил со отчетот и тој треба да одговори и на други прашања.