Солидарниот данок оди пред Уставен суд
Солидарниот данок ќе се најде пред уставните судии. Стопанската комора вчера поднела Иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот со кој големите компании треба да платат 70 милиони евра дополнителен данок на државата.
Комората бара судот да обезбеди гаранција на правната сигурност и да ја стопира примената на Законот за солидарност додека не донесе одлука за нивната иницијатива. Оттаму велат и дека зад неа е обединета целата бизнис заедница во државата.
Но државата нема да го чека Уставен. Прво ќе ги даночи компаниите, а само доколку уставните судии одлучат дека тоа е противуставно, ќе разработува сценарио како да го покрие кусокот од 70 милиони евра кои треба да ги собере од големите компании.
-Се додека Уставниот суд не одлучи како што би одлучило, а не прејудицираме како би одлучиле, законското решение е во сила и компаниите, тие кои се опфатени треба да го платат солидарниот данок. А, да не прејудуцираме, кога ќе биде одлуката донесена тогаш ќе зборуваме за сценаријата, вели Битиќи.
Ставот на Стопанската комора е дека Солидарниот данок е селективен без разлика компаниите оствариле резултат врз основа на пазарните услови или на нивното работење. Според Комората, тоа ќе ги дестимулира успешните компании кои инвестирале во претходните години, а вакво ад-хок решение создава несигурност кај постојните и потенцијалните инвеститори.
Парите кои државата треба да ги собере ќе се користат за антикризни мерки.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
