Собраниски старт на 2 септември - неизвесно дали ДУИ ќе блокира со реплики
По турбулентниот период пред одморот, 2 септември ќе биде првиот тест за собраниското мнозинство и опозицијата дали ќе има нормален парламентарен ритам или политичките пресметки повторно ќе ја претворат говорницата во место за блокади.
Дали бројните процедурални забелешки, реплики со кои ДУИ ја блокираше работата на седниците пред летните одмори ќе продолжат повторно ќе биде јасно во среда. Пратеничката група на ДУИ остана недостапна за коментар дали ќе продолжат со ваква работа додека на гласање не бидат ставени законите за кои е потребно бадентерово мнозинство.
Мнозинството повикува деловникот да не се користи како кочница за работата на Парламентот. Очекуваат конструктивност од албанската опозиција и наместо блокади да дадат поддршка за законите во интерес на граѓаните.
СДСМ бара редовни координации со Гаши, кои според координаторот на пратеничката група Спасовски се се поретки. Најавува користење на сите достапни механизми и блокада доколкусе носат штетни закони за граѓаните.
-Очекувам на координација парламентарното мнозинство и претседателот на Парламентот да излезат со план како мислат ефикасно да работи Собранието. Секако дека СДСМ и коалицијата за сите прашања за кои сметаме дека треба цврсто да се застане за поддршка или контра, ние ќе останеме на тој став и ќе ги користиме сите механизми, не само блокада туку и оневозможување на носење на штетни законски решенија, вели Спасовски во разговаор за Сител.
Септемврискиот старт со седницата во среда носи повеќе од 53 точки за разгледување, а на дневен ред се повеќе закони и одлуки, меѓу кои и именување вицегувернер на Народната банка, ратификации на меѓународни договори, како и законски решенија за пријавување и проверка на странски директни инвестиции, предлог-национална стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026 – 2030 година, како и закони по скратена постапка за усогласувања со новиот Закон за високите раководители.
За гласање остануваат законот за правична застапеност, законите зависоко образование за кои е потребно и гласање по бадентер. А по одморите треба да стигнат и предлозите за заменици министри по владината реконструкција.
Спикерот Гаши за утре закажал координација со пратеничките групи, а од тоа ќе зависи и во која насока ќе се движи работата на Парламентот.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
