Македонија
30. August 2026 - 16:29

Опозицијата бара кривична одговорност за Китановиќ и Стоилковиќ, власта обвинува за хипокризија

Ако Мицкоски не се согласува со Стоилковиќ и Китановиќ, тогаш нека ги осуди нивните ставови и нека ги разреши, бара СДСМ. Од опозициската партија тврдат дека премиерот ги штити министерот за локална самоуправа и директорот на Агенцијата за правата на заедниците по нивните јавни ставови за Ратко Младиќ.

„Мицкоски не го споменува Стоилковиќ, не го повикува на одговорност, на Китановиќ му остава простор, да го повлечел јавно искажаниот став за Ратко Младиќ или да си поднесе оставка. Наместо кривично да одговараат и давајцата, согласно член 407 од Кривичниот законик поради „Одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човечноста или воени злосторства“. Нема тука простор за негово одлучување или различно толкување“, истакна Кети Штерјова од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија. Велат дека СДСМ се однесувале како да не се оттука, иако нивен партиски член, поранешен советник на Заев бил, како што велат, фатен како соработник на српската служба БИА.

„Ваквото однесување и хипокризија на СДС е резултат на нивната разочараност што синоќа партискиот врв на чело со Филипче, Љупчо Николоски Путерот, нивниот градоначалник на Крива Паланка не можеа да се забавуваат на концертот на Лепа Брена, кој беше откажан поради временските услови. Да, тоа е таа Лепа Брена која и пееше на војската на Младиќ, за кој сега ја креваат најголемата хистерија во јавноста“, стои во соопштението.

ЗНАМ порача дека нема место за глорификација на воени злосторници, но истовремено ја обвини СДСМ дека од случајот прави поширока политичка конструкција и се обидува да го поврзе целиот владин блок со Србија, Вучиќ и „српскиот свет“.

„Објавата е личен став на директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците и не може да се поистоветува со ставот на Владата, ниту со политиката на носителите на власта и одговорноста за сопственото јавно постапување и лични ставови мора да се преземе лично и институционално“, пишуваат од ЗНАМ.

Реагираа и други опозициски партии. Од ЛДП исто како и СДСМ бараат кривично да се гони Китановиќ. Ја обвинија Владата за двојни аршини – едни правила за граѓаните, други за функционерите.

„За граѓаните важи стриктно и немилосрдно почитување на законите, додека за владините функционери се резервирани изговори, беззаконие и простување. Срамота! Државната функција не смее и не може да биде штит од кривична одговорност“, велат од партијата.

ДУИ, пак, директно го вперија прстот кон ВЛЕН.

„ВЛЕН не се осмелува ниту да го спомене името на Иван Стоилковиќ. Ова молчење останува тешко прашање за јавноста, особено кога самиот Стоилковиќ изјавил дека претставниците на ВЛЕН треба да внимаваат, бидејќи, според него, два-три пати им „го спасил образот пред јавноста“. Затоа прашањето е неизбежно: што го поврзува ВЛЕН со Иван Стоилковиќ и зошто немаат храброст да го осудат?“, прашуваат од ДУИ.

Ова доаѓа откако по објавите на социјалните мрежи во кои Ратко Младиќ беше величан и наречен „генерал на небеската војска“.

Владата вчера се огради од ставот на Китановиќ и порача дека Младиќ е правосилно осуден за геноцид и од него побараа да си даде оставка ако не се согласува со владините политики.