Македонија
30. August 2026 - 16:29

Камионџиите повторно на протест - 30 отсто од капацитетите веќе не сообраќаат редовно

Камионџиите утре повторно на протест. Од 12 до 14 часот ќе бидат пред Делегацијата на Европската унија во Скопје. Бараат решение за проблемот со престојот во Шенген поради правилото 90/180.

„На 1 септември имаме информација неформално дека ќе се соберат сите земји од Шенген-зоната на состанок, па ова ни е симболично праќање порака да се најде соодветно преодно решение. Веќе 7 месеци поминаа од последниот протест кога признаа дека возачите вршат дејност, а и понатаму продолжува запирање на возила, депортација на возачи, казнување, затворање, што навистина е штетно за сите“, вели Билјана Муратовска од Макам транс.

Во Македонија има околу 17.500 професионални возачи. Колку точно од нив се директно погодени од правилото 90/180 не се знае бидејќи тоа зависи од индивидуалното движење на секој возач. Сепак, Муратовска вели дека 30 отсто од транспортните капацитети веќе се намалени.

Тоа значи помалку камиони на патиштата, а со тоа и подолго чекање за стоката. Ако порано една тура се завршувала за четири дена, сега може да трае и до една недела. А за превозниците секој ден е важен – колку побрзо ќе се врати камионот, толку побрзо може да тргне на нова тура.

„Зависи сè од потребите. Еве, имаме овие што се за нафта и нафтени деривати, тие според планот за дотур на нафтени деривати одат минимум двапати неделно, цистерните за јаглен што носат исто така одат на секој втор ден“, изјави Муратовска.

Најголем притисок има кај возачите, вели Муратовска. Понекогаш се чека со часови за да се утврди дали некој навистина го прекршил правилото.

„Возачот психички треба да биде стабилен кога управува со возилото за да има безбедност во сообраќајот. Замислете каква е траума некого да го ставиш два-три часа да седи во некој затворен кафез, а потоа да констатираш дека не ги надминал деновите и да го пуштиш да вози“, рече таа.

Освен кај нас, во исто време утре протести ќе има и во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Превозниците од четирите држави бараат да не им се бројат денови за престој, туку часови и минути, бидејќи сега со неколкуминутен транзит низ Шенген земјите им се брои како цел ден.

Ако не се најде решение во Брисел, не ја исклучуваат можноста од повторна блокада на граничните премини кон средината на септември.

Министерот за транспорт, Николоски, неколкупати повтори дека Владата прави напори да им помогне на мекедонските транспортери. Се надева дека со склучување на билатерални договори со земјите од Шенген, ќе се надмине проблемот со кој се соочуваат превозниците.