Сирија и Израел одржале разговори со посредство на САД за намалување на тензиите

Сирија и Израел синоќа во Јордан одржале разговори со посредство на САД, со цел да се намалат тензиите по неодамнешните израелски напади врз сириска територија.
Сириските државни медиуми, повикувајќи се на извор на Министерство за надворешни работи, соопштуваат дека разговорите биле насочени кон воспоставување практични механизми за запирање на израелските напади, апсења и целни операции, како и кон повторно започнување на преговорите за безбедносен договор што би можел да создаде основа за поширок договор во иднина.
Двете страни разговарале и за намалување на тензиите меѓу Израел и Турција и спречување прелевање на нивното меѓусебно ривалство на сириска територија.
Сирискиот министер за надворешни работи, Асад ал Шајбани, во саботата изјави дека Дамаск очекува безбедносните преговори со Израел наскоро да продолжат, иако меѓу двете страни се уште нема доверба. Преговорите беа прекинати по почетокот на војната со Иран, додека Сирија целосно ги прекина контактите по минатонеделните израелски напади врз сириската воздухопловна база „Абу ал Духур“.
Вашингтон повеќе од една година се обидува да посредува за постигнување безбедносен договор меѓу Израел и Владата на сирискиот претседател, Ахмед ал Шараа. Шајбани рече дека двете страни на почетокот на годинава на хартија постигнале договор за „речиси се“, вклучително и воспоставување безбедносни зони во јужна Сирија и тампон-зона во која би биле присутни само сили на Обединетите нации.
Сепак, Дамаск се сомнева во подготвеноста на Израел да го спроведе договорот.
На вчерашниот состанок од сириска страна било истакнато дека непосредни приоритети остануваат израелското повлекување на позициите пред соборувањето на Башар ал Асад на 8 декември 2024 година, како и целосното обновување на Договорот за раздвојување на силите од 1974 година.
Дамаск, исто така, му порачал на израелскиот преговарачки тим дека нема да прифати аранжмани со кои би се ограничило неговото право да ги обнови и развива вооружените сили или самостојно да ги определува своите сојузништва и партнерства.
Сирија повторила дека окупираната Голанска Висорамнина е сириска територија, но со оценка дека е прерано да се разговара за конечниот статус на областа окупирана од Израел.
Израел по падот на Асад изврши серија напади врз сириски воени позиции, образложувајќи дека тие се неопходни за заштита на израелската безбедност. Сирија ги отфрла тврдењата дека претставува закана за Израел и бара прекин на израелските напади и упади.
Сирија и Израел формално се во воена состојба од 1948 година. Израел во Шестдневната војна во 1967 година ја зазеде Голанската Висорамнина од Сирија, а подоцна и ја анектираше. Анексијата ја признаа САД, но не и најголемиот дел од меѓународната заедница.
МИА
Ново на Сител
-

Голем пожар во околината на Градско – Сите сили фокусирани на ова жариште
-

Прв случај со западнонилска треска во Kумановско
-

Владата одлучи: Од денеска до 30 септември, училишниот прибор ќе се продава за 15% поевтино
-

200 паралелки помалку во основно, 100 во средно – Јаневска најави и затворање на 26 рурални училишта
-

Мицкоски: Ако поскапувањето на горивата продолжи, ќе се намали ДДВ-то
-

Нов протест на струмичките земјоделци, бараат почитување на договорените цени за „ајварката“
-

Мицкоски за изјавата на Јотова: Не навлегувам во дискусија со луѓе заглавени во минатиот век
-

Кос: Мора да се промени начинот на проширување на Европската Унија
