Сиљановска-Давкова: Верувајте во себе, докажете ја својата спортска посветеност, искористете ја младешката енергија и натпреварувајте се витешки

Спортот е повеќе од натпревар за резултат, тој е школа за формирање на цврст карактер преку преземање одговорност и вежбање истрајност, им порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на македонските спортисти кои учествуваат на 20. Медитерански игри, при денешната посета на Медитеранското (олимписко) село во Таранто, Италија.
Посакувајќи им успех на сите натпревари, информираат од Кабинетот Сиљановска-Давкова, претседателката им рече да веруваат во себе и преку витешка игра да ја манифестираат македонската спортска енергија на големата медитеранска спортска сцена.
Според неа, преку спортот се обликува и негува не само личниот, туку и колективниот и националниот идентитет.
Спортските резултати и успеси, напомена таа, го јакнат единството на младите, надминувајќи ги разликите.
Таранто, како спортски мегдан деновиве, смета таа, ќе биде место на коешто нашите спортисти имаат шанса достоинствено да ја претставуваат државата.
Претседателката ги охрабри натпреварувачите да веруваат во сопствените можности и да го дадат максимумот, нагласувајќи дека победата е највредна кога е извојувана во фер борба.
Сиљановска-Давкова ги охрабри македонските спортисти на големата меѓународна сцена да ја покажат препознатливата македонска спортска сила, нескротливата борбеност и нескршливиот дух.
Медитеранските игри овозможуваат промоција на вистински вредности преку спортска дипломатија, верува претседателката.
Претставниците на Олимпискиот комитет ја информираа претседателката дека ова е четврто учество на македонски спортисти на Медитеранските игри од независноста, а таа е првиот претседател на државата што присуствува на истите.
На Игрите настапува најбројната македонска делегација досега, составена од 130 членови, од кои 88 спортисти, кои ќе се натпреваруваат во 19 спортски дисциплини, во индивидуални и колективни спортови.
МИА
Ново на Сител
-

Тема на денот со Венко Филипче, лидер на СДСМ
-

Филипче бара извинување од Мицкоски, премиерот ја нарече одлуката на обвинителството скандалозна
-

Опозицијата поделена по понудата за предвремени избори
-

Во Скопје детектирани 13 високо ризични места за ширење на западно-нилскиот вирус
-

Прекината епидемијата во Гостивар
-

Чадот од пожарите го загрозува здравјето - најчувствителни се децата и хронично болните
-

Училишниот прибор ќе поевтини до 15 проценти, Владата ќе носи одлука во вторник
-

Пораст на просечната плата за 6,4% годишно, пензиите од септември повисоки за 6 отсто
