Седум ЕУ држави се спротивставија на Мерц, нудат нов план за целосно членство на Западен Балкан
Нов нон-пејпер за полесно и побрзо проширување, што треба да се однесува и на македонските евроинтеграции, се појави оваа недела во Брисел. Овој пат, наместо ограничено или асоцијативно членство во Унијата, какво што изминатите неколку месеци го промовира германскиот канцелар Мерц, седум држави-членки предлагаат целосно членство за земјите-кандидати, без дополнителни услови, но со рамка на заштитни механизми за следење на напредокот.
Документот, како што објавува „Еурaктив“, е изработен од т.н. група „Пријатели на Западен Балкан“, составена од Италија, Австрија, Хрватска, Чешка, Грција, Словачка и Словенија. Новиот нон-пејпер, најверојатно, е подготвен по состанокот одржан на 10 јули во Рим, на кој учествуваа министрите за надворешни работи на овие седум држави, како и шефот на унгарската дипломатија, заедно со претставници на шесте земји од Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Црна Гора, Косово и Србија.
Според објавата на „Еурaктив“, ваквиот документ целосно се спротивставува на оној на Мерц, зад кој застанаа и Франција, Холандија, Белгија и Луксембург. Во него се предлага постепен пристап до европските фондови и учество на единствениот европски пазар, но без членство во институциите на ЕУ и без право на глас. Концептот главно се однесуваше на олеснување на пристапниот процес за Украина и Молдавија.
За разлика од тоа, овие седум земји го отфрлаат „секој пристап што би можел да создаде перцепција за кандидатури или членство од втор ред“ и повикуваат на „еднаква примена на преговарачките процедури за сите кандидати, без забрзани постапки или паралелни процеси“.
-„Треба да се избегнуваат нови барања, политички предуслови или дополнителни институционални чекори, бидејќи тие би ги обесхрабриле кандидатите и би го ослабнале влијанието на Унијата во нејзиното соседство“, се наведува во документот, пренесен од „Еурaктив“.
Групата земји наведува дека заштитните механизми треба да постојат само доколку се „засновани на објективни потреби, пропорционални, правно издржани и усогласени со целокупната институционална архитектура на Унијата“.
-„Рамката за заштитни механизми треба да се заснова на каталог на инструменти што ќе се потпираат на искуствата од претходните проширувања и ќе бидат ажурирани во согласност со актуелните предизвици, со флексибилност за прилагодување кон специфичните околности на секоја земја-кандидат“, се наведува во документот.
Сепак, во документот нема детали за временската рамка, ниту, пак, за конкретните чекори што земјите-кандидати би требало да ги преземат за да го забрзаат своето зачленување во Европската Унија.
-
Катерина Нешковa
Сите содржини од овој новинар
