Loading Video...
Свет
30. August 2026 - 16:28

Преглед на вестите од светот

Граѓаните на Исланд на референдум и кажаа „НЕ“ на Европската Унија. Според конечните резултати по вчерашното гласање, 52,8 отсто од жители се изјасниле против, додека 47,2 проценти гласале „за“.

Референдумот беше распишан откако актуелната влада предложи повторно да се активира процесот кој беше прекинат пред повеќе од една деценија.

Најголемата пречка за членството остануваат контролата врз рибарството и стравувањата дека Исланд би изгубил дел од својата економска и политичка самостојност.

Исланд и натаму останува дел од Европската економска област и Шенген-зоната, иако не е членка на ЕУ.

Патнички брод со 267 луѓе се преврте денеска во близина на северниот брег на Кипар, на само неколку километри од Киренија. Во бродот, кој пловел кон турското пристаниште Ташуџу, почнала да навлегува вода кратко по испловувањето, по што капетанот испратил повик за помош.

Во спасувачката операција биле вклучени бродови на крајбрежната стража, хеликоптери и приватни пловила, а спасените патници се носат во пристаништето во Киренија и потоа во болници.

Според локалните власти, потврдено е дека има жртви. Причината поради која почнала да навлегува вода во бродот засега не е позната.

Една 22-годишна девојка е убиена, а уште пет лица на возраст од дваесетина години се ранети при вооружен инцидент за време на техно забава во градот Арау во северна Швајцарија, соопшти швајцарската полиција, потенцирајќи дека напаѓачот или напаѓачите се во бегство.

Полицијата е сè уште присутна во голем број на терен, во потрага по можниот сторител или сторители, а од организаторите на настанот побарала да ѝ бидат доставени сите снимки од инцидентот. Според организаторите, фестивалот бил посетен од околу 3.500 луѓе.