СДСМ обвинува дека владата на Мицкоски ја водат лажни патриоти со бугарски пасоши
Владата на Мицкоски ја водат лажни патриоти со бугарски пасоши обвини денеска опозицијата. Според СДСМ ова е причината зошто власта почна да ретерира за законот кој треба да забрани двојни државјанства за пратеници, кој веќе е во собраниска процедура.
- Да не нè чуди да се повлече целиот закон, затоа што не може Мицкоски и целата партија да објаснат како тоа законот да важи за оние коишто се во Собранието, за пратениците, а да не важи за неговите министри. Проблемот е што веќе е евидентно дека во ВМРО-ДПМНЕ има голем број функционери со бугарски пасоши, министри, пратеници, градоначалници, директори на јавни претпријатија и така натаму, вели Андреј Жерновски, член на Извршниот одбор на СДСМ
Од владејачаката партија остануваат на познатиот став, според нив лидерот на СДСМ е бугарски привезок чии храброст, морал и пари се во фиоките на бугарското разузнавање.
- Гордите носители на златни визи од Дубаи последни се што имаат право да зборуваат за било што поврзано со државни интереси. Ова што денес го прави СДС не е политика. Ова е паника! Старата пракса продолжува. Секогаш кога немаат што да понудат, излегуваат со конструкции и напади што се враќаат како бумеранг. Колку повеќе викаат, толку поочигледно е што кријат, е ставот на владејачката партија.
Во партиската дебата вчера се вклучи и претседателката. Сиљановска Давкова е на став дека постои правна можност за ограничување на двојното државјанство, но покрај за пратениците, тоа ограничување треба да важи и за министрите и за претседателот на државата.
Дебатата за законот кој треба да забрани двојни државјанства за пратениците продолжува во понеделник во собраниската законодавно-правна комисија, каде се поднесени над 170 амандмани.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
