Продолжи дебатата во собранието за избор на нови уставни судии
Дебатата за новите уставни судии во собраниската комисија за избори и именувања продолжува со мало присуство и без дискусии од страна на владејачкото мнозинство. Токму тоа, според пратениците на опозицијата е доказ дека изборот е сомнителен и дека власта веќе однапред ги одредила идните уставни судии независно од нивните биографии и компетенции.
Пратениците во собраниското тело се уште го разгледуваат предлогот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ - професорот по казнено право и поранешен обвинител Тодор Витларов да биде уставен судија.
За избор на уставен судија, како предлог на власта, чека и актуелниот државен обивнител Љубомир Јовевски, но најавите од Собрание, се дека неговата кандидатура ќе се разгледува последна.
Комисијата минатата недела даде поддршка кандидатката на власта Татјана Васиќ Бозаџиева, државен советник во министерството за правда да да биде кандидат за уставен судија. Поддршка уште пред неколку месеци доби и апелацискиот судија Фатмир Скендер.
Филтерот не го помина професорката по граѓанско право Родна Живковска, која беше предлог на ВМРО-ДПМНЕ. Како предлози на опозцијата се и универзитетскиот професор Саво Климовски, судијата во пензија Бранко Секуловски, судијката од Управниот суд Весна Јовановска и Војислав Димовски јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид.
Уставниот суд повеќе од една година работи во нецелосен состав. Од предвидените девет члена на четворица им е истечен мандатот.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
