Македонија
14. September 2022 - 21:17

Пратениците привилегирани и покрај уредбите на Владата за штедењето струја

22 Целзиусови степени денеска цел ден трепкаа во собраниската сала каде народните избраници ја држеа првата седница по летните одмори. 22 степени е вообичаена собна температура ако се има пред вид дека се уште е лето, но 22 степени климатизиран простор во услови на енергетска криза е спротивно на задолженијата што ги добија државните институции од Владата пред само половина месец. Наместо 27 степени во лето колку што наложи влада за да се штеди струја, пратениците денеска беа привлегирани да работата во 5 степени постуден простор од наложеното.

За разлика од тоа, она што може да се забележи низ собраниските простории е дека службата штеди. Празните сали сега се осветлуваат единствено кога во нив има состаноци. Ходниците се полутемни. Во тоалетите повеќе не се вклучуваат бојлери за топла вода....

Од генералниот секретаријат на Собранието потврдуваат дека парламентот уште пред владините мерки за штедење направиле план за редукција на користењето на електрична и топлинска енергија. Бидејќи собраниската зграда е голема, тој се спроведувал на етапи.

Но, температурата во собраниската сала не е под тој режим, и тоа од парламентот го признаваат. Причината била што во главната сала немало директен проток на свеж воздух и тоа се правело преку системот за климатизација. Објаснуваат дека  каналите за потис на свеж воздух се поставени во внатрешниот дел на зградата, во сутеренот, каде нема влијание од директна изложеност на сонце, па воздухот бил посвеж. Ако се спречел влезот на постудениот воздух преку климата, пратениците ќе останеле без кислород, тврдат од парламентот.

 „Доколку се спречи влезот на свежиот воздух во салата, во многу краток период, помал од еден час, ќе се доведеме во ситуација да нема доволно кислород, бидејќи тоа е единствената можност за проветрување во истата“, велат од секретаријатот на Собранието.

Владата пред две недели донесе конкретни задолженија до сите државни институции за да се намали јавната потрошувачка на електрична енергија. Меѓу гасењето на светилките, осветлување со дневна светлина, помалку печатење документи, загревање на вода преку колектори наложи и во јавните објекти во сезона на ладење температурата на климатизерите да се местат не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени.

Тие кои нема да го почитуваат ова може да добијат и казни.

Министерот за економија Бектеши денеска не одговори на прашањата на „Сител“ дали институциите ги почитуваат мерките за штедење.