Бизнис
23. јуни 2026 - 16:29

Повеќе пари за инвестиции, земјоделие, образование: Владата го усвои ребалансот на Буџетот

Владата го усвои ребалансот на Буџетот. Ќе има повеќе пари за капитални инвестиции, земјоделство, социјална заштита, образование и поддршка на општините.

Министерката за финансии Димитриеска-Кочоска вели дека измените се направени во услови на зголемена економска и геополитичка неизвесност во светот, но и покрај тоа македонската економија продолжува да расте. Во првиот квартал годинава економскиот раст изнесувал 3,1 отсто, а до крајот на годинава се очекува да достигне 3,5 проценти.

Со ребалансот, вкупните приходи во Буџетот се зголемуваат за околу 68 милиони евра и ќе достигнат околу 6,17 милијарди евра.

На приходната страна, даночните приходи остануваат речиси на првично планираното ниво и се проектирани на 213,2 милијарди денари, што е минимално намалување од околу 900 милиони денари, односно за 0,4 проценти. Ова намалување е резултат на ревидираните приходи од акцизи и корекција во ДДВ. Приходите од акцизи од првично проектираните 35,8 милијарди денари се ревидираат на 34,2 милијарди денари, односно се намалуваат за околу 1,5 милијарди денари. Причината е јасна – Владата донесе одлуки за намалување на акцизите на нафтените деривати со цел да ги ублажи последиците од растот на светските цени на горивата и да им помогне на граѓаните и компаниите полесно да се справат со ценовните притисоци“, кажа министерката за финансии, Кочоска.

Даночните приходи остануваат речиси непроменети, додека раст има кај неданочните приходи и донациите, особено преку европските фондови.

На расходната страна, буџетот се зголемува на околу 6,91 милијарди евра.

Овие дополнителни средства ги насочуваме кон јасно утврдени приоритети.
Обезбедуваме дополнителни средства за земјоделските субвенции, субвенциите во железничкиот сообраќај, поддршката на спортот, студентскиот и ученичкиот стандард. Oбезбедуваме и дополнителна поддршка за најранливите категории граѓани преку средства за социјални надоместоци, заштитни друштва, народни кујни и мерки за деинституционализација
“, истакна Кочоска.

Најголемото зголемување е кај капиталните инвестиции, кои достигнуваат околу 748 милиони евра, што е за околу 94 милиони евра повеќе од првично планираното.

За првпат, корекцијата на дефицитот е резултат пред сè на повисоките капитални расходи и инвестициите во инфраструктурата, зборуваме за дефицит кој ќе финансира развој.
Тука имаме зголемување за 0,6 процентни поени во однос на иницијалната проекција, со што буџетскиот дефицит се ревидира на 46,1 милијарди денари, односно на 4,1 проценти од БДП
“, вели министерката.

Од СДСМ, пак, реагираат. Велат Законските одредби јасно кажуваат дека буџетскиот дефицит не смее да надмине 3 проценти од БДП.

Министерката Гордана Кочоска призна дека во буџетот нема пари. Целиот планиран годишен буџетски дефицит е потрошен уште во првите шест месеци од годината. Владата планира дополнително да го зголеми дефицитот, и покрај претходните ветувања дека ќе го намалува. Тоа е директна потврда на она што СДСМ го говори цело време. А продлабочувањето на дефицитот значи само едно - нови скапи задолжувања што ќе ги враќаат граѓаните и идните генерации преку повисоки камати, даноци, поскапи услуги“, кажа Наташа Поповиќ – членка на Извршниот одор на СДСМ.

За отплата на старите долгови годинава се потребни околу 1,24 милијарди евра. За нив и за финансирање на дефицитот, државата ќе користи комбинација од домашно и странско задолжување.

Од Илинденска, предлог ребалансот на буџетот ќе патува до Собранието.