Од денеска поскапи горива
Од денеска нов ценовник на бензинските. Возачите точат поскапи горива. Најголема промена има кај дизелот, чија цена се зголеми за шест денари по литар и се продава за 94 денари. Бензините поскапеа по три денари, па новите цени се 90, односно 92 денари за литар. Овие цени Регулаторната комисија ги пресмета откако Владата ја намали акцизата – за еден денар кај бензините и два денари кај дизелот.
Ова е второ активирање на антикризните мерки откако почна војната на Блискиот Исток. Нафтата на светските берзи и денеска расте. Барел од типот Брент се тргува и над 90 долари по барел.
И покрај растот на цените и неизвесноста на енергетските пазари, од Агенцијата за задолжителни нафтени резерви уверуваат дека државата има доволни количини доколку дојде до какво било нарушување на увозот на нафтени деривати.
„Ние имаме задоволителни количини на Евросупер и Евродизел. И тие одговараат околу 60 дена од дневната потрошувачка во случај на прекин на увоз на нафтени деривати. Значи со овие бројки ние сме скоро лидер во регионот“, кажа директорот на Агенцијата, Неџмедин Садики.
Садики вели дека засега не е планирано државните резерви да се користат превентивна мерка за стабилизирање на пазарот и за намалување на цените на горивата. Потенцира дека главната улога на Агенцијата е да обезбеди сигурност во услови на криза, а не да влијаат на цените.
„Основната намена на задолжителните резерви не е регулирање на цените на горивата. Согласно законот, тие служат како стратешка сигурност на резерва која се активира само во случај на сериозно нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати. Прашањата поврзани со формирањето на малопродажните цени зависат од движењата на меѓународниот пазар на нафтени деривати и од надлежностите на други институции“ изјави Садики.
Во меѓувреме, најновиот извештај на Државна ревизија покажува дека дел од задолжителните резерви биле намалени поради користење мазут за потребите на енергетскиот систем, но и поради количини кои сè уште не се вратени од институции.
Уште во 2017 година, Министерството за одбрана добило позајмица од 600 илјади килограми мазут од задолжителните резерви за потребите на Армијата, со обврска количините да бидат вратени до крајот на истата година. Осум години подоцна, мазутот сè уште не е вратен, а Агенцијата има побарување од 16,7 милиони денари.
Дополнително, во 2024 и 2025 година, на ЕСМ му биле отстапени над 16 милиони килограми мазут од резервите за производство на електрична енергија.
Од Агенцијата уверуваат дека веќе имаат акциски и годишен план со кој постепено ќе се надополнат потрошените количини и ќе се достигне потребното ниво на резерви.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
