Дурмиши: Продажните цени растеле побрзо од набавните, но сега се стабилизираат
Во дел од маркетите цените на рафтовите растеле побрзо од оние по кои се набавувале производите, но во последните месеци маржите почнале да се намалуваат, тврди министерот за економија.
Контролата на повеќе од 700 производи што ја направи пазарниот инспекторат, споредувајќи ги податоците од мај лани со мај годинава покажала дека просечните набавни цени пораснале за 2,66 проценти, додека продажните цени се зголемиле за 4,56 проценти.
„Тоа значи дека дел од растот на малопродажните цени на прехранбените и другите производи се должи на тоа што одредени трговци ја зголемија бруто-профитната маржа, односно кога се намалија набавните цени, тие не ги намалија своите цени“, изјави министерот.
Според Дурмиши, бројките за периодот од март до јуни годинава веќе упатуваат на поинаква состојба. Набавките поскапеле за 2,04 проценти, додека на рафтовите поскапувањето било само 0,16 проценти.
„За понеделник закажавме состанок со производителите и дистрибутерите за да разговараме за набавните и продажните цени“, рече министерот.
На седницата на Економско-социјалниот совет не се разговарало за владината потрошувачка кошничка. Дурмиши вели дека сè уште се чекаат писмени забелешки од членовите на Советот, но очекува пресметката да биде готова до крајот на годинава.
Од Сојузот на синдикати, пак, велат дека повторно биле прескокнати најважните прашања за работниците.
„Подолго време чекаме за поголема плата, подобри услови за работа и сето она што го очекуваат македонските работници и граѓани, но некако не беше точка на дневен ред, па дури ни во точка разно, туку повторно бевме оценети од премиерот дека не сме ја разбрале дискусијата и дека ќе биде подобро. А самиот тој кажа дека ако продолжи ваквиот тренд на демографија и имаме се помалку луѓе во државата, за 10 до 15 години ќе се случи катаклизма во Македонија и ќе останеме и без работници, и без плати, и без сето она што го разговараме денес“, кажа Иван Пешевски, од ССМ.
Ова беше осма седница на Економско-социјалниот совет во мандатот на Владава.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
