Македонија
30. December 2023 - 16:33

Поднесено обвинение за 18 лица за кражба и продажба на луксузни автомобили во вредност од половина милион евра

Две години ја избегнувале царинската контрола, фалсификувале службени исправи и лажните документи ги употребувале како вистински за да ги регистрираат автомобилите – за 18 физички и едно правно лице обвинителството покрена обвинение за сторени повеќе кривични дела, меѓу кои и криумчарење на 15 луксузни возла, вредни над половина милион евра.

Во периодот од август 2020 година до април 2022 година, обвинетите вршеле пренос преку царинска линија на непријавени стоки – луксузни автомобили во вкупна вредност од големи размери. Тие ја избегнувале царинската контрола, фалсификувале службени исправи и лажните јавни исправи ги употребувале како вистински за да ги регистрираат автомобилите, а потоа со цел да ги прикријат кривичните дела, ги сокривале возилата и меѓусебно ги препродавале по неколкупати во краток временски период. За прикривање на возилата кои биле предмет на криумчарење и царински измами е обвинето и правното лице – авто салон од Кочани.

Меѓу обвинетите се и пет службени лица – референти за управни работи во МВР кои во целиот тој период на останатите им ставале на располагање средства за извршување на кривичните дела – регистарски таблици и сообраќајни дозволи изработени спротивно на Законот за возила и со употреба на фалсификуваните документи. Според обвинителството, поголемиот дел од автомобилите биле предмет на меѓународни потраги.  Се набавувале во различни европски земји и се внесувале во земјава со променети идентификациски броеви на шасиите и со фалсификувани документи за да им се прикрие потеклото.

Вработените во МВР потоа вршеле регистрација на возилата врз основа на лажна документација.Откако неколкупати меѓусебе ги препродавале, трајно ги оттуѓувале и ги продавале надвор од државата.

За тројца од обвинетите, меѓу кои и една државјанка на Република Србија со привремен престој во земјава, надлежниот јавен обвинител предложи да им биде продолжена претходно определената мерка притвор. Правосилна пресуда има против еден обвинет кој веќе се спогодил со органите, додека за едно инволвирано лице постапката е прекината бидејќи е недостапен на органите на прогон.