Почна вработувањето за новите Коридори, помошничката на Груби доби плата од над 70.000 денари
Поранешна пратеничка на ДУИ ќе му биде помошник на Груби во координирањето на изградбата на автопатите. За тоа секој месец ќе и плаќаме хонорар од над 70.000 денари а до крајот на нејзиниот договор помошничката на Груби, ќе не чини над 60.000 евра.
Градежната инженерка Семијал Хасани Зибери, која работи во приватна фирма во Тетово е само еден од вкупно 8 кадри кои се ангажирани на проектот уште пред да биде фрлена првата лопата.
Над 1000 евра месечно или над 57.000 евра во наредните 5 години ќе му плаќаме и на Рами Јусуфи кој ќе биде координатор на единицата за подготовка на проектот. Пребарувањето на неговото име на интернет открива дека бил шеф на кабинет на директорот на пошта, институција која со години беше раководена од ДУИ.
Над 1000 евра месечно ќе не чини и Александар Журовски од институтот за земјотресно инжинерство.
Вработени се и двајца специјалисти за експропријација меѓу кои и Претседателот на Советот на општина Дојран Ратко Ајцев кој на последните избори беше кандидат на листата на СДСМ. Покрај нив, вработени се и администратор, преведувач и возач.
Директорот на државното претпријатие за патишта денеска рече дека бил многу зафатен по состаноци па не најде време за да одговори дали во целата превработена јавна администрација не успеа да најде барем возачи, преведувачи и администратори на кои до крајот на проектот ќе мора да им платиме околу 100.000 евра.
За овие 8 кадри граѓаните ќе плаќаат по нешто помалку од 6500 евра месечно или близу 350.000 евра ако проектот заврши во наредните 5 години. Тоа се само 8 од вкупно 28 кадри кои Владата планира да ги вработи за да помагаат во реализацијата на проектот. Сите заедно ќе не чинат близу еден милион евра.
Вработувањето на кадри, заедно со церемониите за почеток на градежните активности се што до сега видовме од проектот за коридорите. Платени се над 110 милиони евра а на терен се уште не е направено речи си ништо.
ДЕМАНТ
Во врска со информацијата објавена во вестите на Сител ТВ во текот на вчерашниот ден 13.06.2023, дека за Координатор на единицата за техничка изведба на проектот во проектна единица за спроведување на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10д е избран Александар Журовски од ИЗИИС, би сакал да ве информирам дека:
Јас сум Александар Журовски, вработен во ИЗИИС но, не сум избран за работа на наведената работна позиција. Избраниот за наведената позиција е друг Александар Журовски, колега градежен инженер. Односно, се работи за мој братучед со исто име и презиме и иста професија.
Во смисла на ова, иако во прилогот се наведува дека "пребарувањето на интернет покажува дека...", сепак, бидејќи прилогот исто така бомбастично наведува дека вработените лица ќе ги чинат граѓаните над 1000€ месечно, односно над 57000€ во петте години на траење на проектот, сметам дека ваквите информации треба да ги пребарате и соодветно потврдите пред да ги објавите во етер, односно сметам дека проверка на интернет не би требало да е релевантна информација за вас и вашите објави. Во текот на вчерашниот ден добив неколку повици како од ИЗИИС кои бараат објаснување дали навистина сум се вработил на друга позиција без да информирам, така и од роднини и пријатели за кои информацијата беше шокантна.
На крајот, би сакал да напоменам дека сметам дека наведениот проект е важен за Република Македонија и работењето на тој проект би било важно и престижно и за мене.
Поради горенаведеното, ве молам за објавување на демант на вчерашната објава на вашиот медиум. Се надевам дека објаснувањето на ситуацијата е доволно јасно.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
