Шест нови мерни станици за следење на квалитетот на воздухот во Струмица
Струмица ја проширува локалната мрежа за мерење на квалитетот на воздухот со шест нови мерни станици, кои ќе ја следат аерозагаденоста во градот, но и во населеното место Куклиш. Со новите уреди, локалната мрежа ќе брои вкупно 12 мерни станици.
Новите шест мерни станици чинат околу 16 илјади евра, а податоците од мерењата ќе бидат јавно достапни преку посебна веб платформа. Увид во состојбата ќе имаат и надлежните институции, со цел навремено реагирање при евентуално зголемено загадување.
Мерните станици се дел од современ систем за мониторинг кој овозможува детално следење на состојбата со квалитетот на воздухот, со можност за навремено детектирање и предупредување при зголемени концентрации на загадувачки честички.
Во меѓувреме, со поддршка од владата, во училишта и детски градинки во општина Струмица беа поставени и осум прочистувачи на воздух како дел од мерките за подобрување на квалитетот на воздухот и заштита на здравјето на најмладите.
Во последните неколку години, Струмица се наоѓа меѓу најзагадените градови во државата кога станува збор за квалитетот на амбиенталниот воздух. Според направените анализи, главен фактор за загадувањето е согорувањето на биомасата, односно огревното дрво, а веднаш потоа следува и сообраќајот
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
