Македонија
4. September 2023 - 16:37

Пендаровски згрозен, Ковачевски вели дека истрагата нема да познава партиски дресови, Мицкоски бара одговорност

Претседателот Пендаровски е фрапиран и згрозен по сомнежите кои се отворија за криминал на Клиниката за онкологија.

Шефот на државата констатира дека здравствениот систем потфрлил а пациентите целосно ја губат довербата. Побара брза и неселективна истрага.

Крајно време е системот да потврди дека сме способни во пракса, а не само со зборови да се справуваме со тешките облици на организиран криминал и корупција и конечно да ја прекинеме културата на неказнивост за сериозни прекршувања на законите. 

Никогаш нема да бидеме вистинско европско општество со одолговлекување на судските постапки и отсуство на лична одговорност. За здраво општество ни треба правна држава во пракса, не на хартија, порача Пендаровски давајќи поддршка на протестите.

Да не се политизира случајот денеска побара премиерот Ковачевски ветувајќи дека надлежните институции целосно ќе го расветлат случајот

Опозицијата денеска побара Собраниска комисија која ќе расправа за случајот Онкологија. Опозицискиот лидер рече дека е згрозен од информациите. Побара покрај кривична и политичка одговорност. На власта и порача дека нема лице да зборува за злоупотреба на лични трагедии за политички цели

Со став денеска се јави и ДУИ. Велат со загриженост ги следеле случувањата. Побараа да не се политизира случајот во време кога државата се подготвува да го смени уставот за да ги почне преговорите со Европската Унија.

„Овие тврдења вклучуваат луѓе инволвирани низ годините и меѓу администрацијата, затоа политичките партии треба да се држат настрана од истрагите и да не ги компромитираат, туку да ги поддржуваат без резерва.
Демократската унија за интеграција бара одговорните лица да излезат пред лицето на правдата и да не се злоупотребува за политички цели во време кога државата се наоѓа пред уште еден важен предизвик.“ – се вели во соопштението на ДУИ

Социјалистичката партија на Македонија жестоко реагира на димензиите на монструозниот случај во клиниката за онкологија и криминалната организирана трговија со цитостатици, се вели во реакцијата на социјалистите.

Овој скандал значи целосен морален и организациски колапс на здравствениот систем затоа што ниту еден пациент не заслужува злоупотреба на терапијата за нечија лична корист, а цената за тоа е свесно убиство на пациентите. Тоа е злосторство од некој што треба да лекува да зема право да одлучува за туѓ човечки живот, се вели во реакцијата на СПМ

По случаите со Дурмо Турс и пожарот во модуларната болница каде никој не одговараше, се сомневаме дека некој ќе понесе одговорност и за овој скандал, порачаа од БЕСА од каде велат дека даваат целосна поддршка на протестите.

Утрово со реакции се јавија и уште неколку мали партии како Демократскиот сојуз на Трајанов, Алијанса на Таравари и Демократското движење на Меџити. И тие се згрозени од случувањата на онкологија. Дел од нив покрај кривична одговорност за оние кои се директно инволвирани, бараат и политичка одговорност од носителите на власта.