Пендаровски: Нема правда додека се на слобода судии и обвинители кои носат коруптивни одлуки
Нема да има правда во државата ако за корупција, покрај политичари, во затвор не завршат судии и јавни обвинители. Ова е пораката што шефот на државата ја испрати од годишното обраќање во Собранието по повод анкетите кои покажуваат ниска доверба на граѓаните во институциите, но и по најавата дека тим од САД прави проценка на корупцијата во земјата. При тоа Пендаровски вели никој од надвор нема да ја завшри нашата работа.
„Државата или ќе ги стави криминалците во затвори од затворен тип или некои од нив и понатаму со пари украдени од народот ќе продолжат градат имиџ на чесни и доблесни граѓани и ќе ги исмеваат сите станати од безбедна дистанца. Не треба да има само апсења за јавноста, туку изречени долгогодишни затворски казни и враќање на украденото. Но, истовремено да се почитува пресумпција на невиност, да не ги осудуваме луѓето во јавноста пред да ги осуди надлежниот суд. Но, сите наши напори ќе паднат во вода ако правосудните органи се спогодуваат со ликови за кои целата јавност знае дека со пари од народот ги имаат обезбедено своите сè уште неродени деца и внуци. Нема правда ако нема актуелни политичари во затвор за корупција, меѓутоа нема да има правда и сè додека на слобода се судиите и обвинителите кои носат скандалозни одлуки зад кои верoјатно стојат коруптивни мотиви“.,
Претседателот Пендаровски на пратениците им даде и задача во новата година – уставните измени што се предвидени во преговарачката рамка.
Сакам од ова место да порачам дека нам ни е насушно потребна кристално јасна и чиста правна и политичка процедура за промена на Уставот, каква што ѝ доликува на една европска демократија. Никој никого не треба да притиска, ниту да условува за да гласа спротивно на својата волја, но, при тоа, на сите пратеници треба да им се пред очи две работи: прво, дека самата содржина на конкретниот предлог, впишувањето на Бугарите и делови од други народи во Уставот, на ниту еден начин не го руши македонскиот идентитет, и второ, тие што се денес против, ако навистина веруваат дека ЕУ е нашата стратешка цел, нашата стратешка константа од 1991-та до денес и ако се денес против, како ќе гласаат за оваа уставна промена кога ќе бидат на власт?
Сепак, Пендаровски коментира дека не постојат гаранции дека ова ќе бидат последните барања на Бугарија и дека нема да го искористи своето право на вето во текот на евроинтеграциите. Како што покажало времето, со францускиот предлог не бил загрозен македонскиот идентитет и јазик. „Сакам да потенцирам дека апсолутно не постои начин од Македонец да направиш Бугарин“, рече шефот на државата.
Пендаровски го нагласи и значењето на тоа што сме членка на НАТО, велејќи дека Алијансата помага во справувањето со хибридните закани, но и конректно да се спречат дури три терористички напади годинава.
Претседателот се обраќаше пред пратениците од власта и опозицијата, но во во речиси преполовени состави. Во салата беа премиерот и неговите министри, верските поглавари и претставници на судствотото и дипломатскиот кор. Поранешните шефови на државата Иванов и Црвенковски, иако поканети, не дојдоа.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
