Македонија
18. July 2022 - 16:46

Партиски реакции по објавената содржина на билатералниот протокол потпишан со Бугарија

Дипломатски нокаут и македонска капитулација. Протколот ја отвара вратата за ЕУ на Албанија, но ја подзатвара вратата на Македонија. Вака лидерот на опозциската ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски го цени вчерашното потпишување на протколот меѓу Османи и Генчовска. Македонската опозиција останува на ставот да не ги поддржи уставните измени за внес на Бугарите, а и понатаму бара промена на преговарачката рамка.

 Да бидам попрецизен протоколот кој што го потпиша Бујар Османи, сега ја подотвори вратата односно ја отвори вратата за Албанија да ги почне преговорите но не и за Македонија. За да Македонија ги почне преговорите потребно е да се промени Уставот односно преамбулата па дури потоа според документот заеднички став на Европската унија ќе биде свикана првата меѓувладина и ќе биде усвоена предлог преговарачката рамка. Дека нема да биде сменет Уставот говори бројноста на пратеничката група на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ тоа се 44 пратеника плус пратеници од опозицијата кој што исто така се противат на идејата за промена на Уставот. Така што во овој момент владата нема две третини што значи дека предлог преговарачката рамка останува предлог преговарачка неусвоена. Ние бараме истата да претрпи измена во членот 5 алинеа 4 каде што таа сега ваква каква што е се повикува на билатералниот договор и протоколот кој што го потпиша Бујар Османи и протоколите кои што ќе ги потпише. Тука треба да ја бараме суштината во сето ова.

Мицкоски вели дека траат и консултациите со експерти околу можноста за референдумско изјаснување за предлогот.

За власта пак, по потпишувањето на договорот Македонија веќе утре ги стартува преговорите.

„Нема никаква бугаризација и асимилација како што лажеа Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Комисијата целосно автономно одлучува и содржински и временски без да им се меша политиката и без рокови. Имаме гарантиран реципроцитет за сите прашања, тоа што важи за нас важи и за Бугарија. Дополнително, без согласност на двете страни нема да има можност да се случи никаква промена во однос на која било од точките што се во Протоколот. За разлика од Мицкоски, кој својата земја ја нарекува НМК, со овој протокол се гарантираат одлуки кои ќе бидат базира врз научни факти и кои ќе мора да бидат верификувани од целата наша комисија. Протоколот потврдува: воопшто не е поврзан и не ги условува почетокот на преговорите, тие започнуваат утре преки првата меѓувладина конференција и старт на скринингот.

 „Исто така, утре ќе започне процесот на скрининг од страна на Европската Унија на сите наши институции, процес кој уште повеќе ќе не доближи до европските стандарди….Деструктивните сили во служба на странските агенди продолжуваат да сеат политики на страв кај граѓаните преку создавање на нереални ситуации за создавање политички, етнички и безбедносни тензии со единствена цел постигнување на партиски придобивки, но граѓаните се оградија од овие изолирачки и деструктивни сценарија со неучеството на протестите против ЕУ“, коментираат и од ДУИ.

Павле Трајанов од Демократски сојуз, кој не ги поддржа владејачки заклучоци, денеска е без коментар по потпишаниот протокол.

Со резерви останува и Маја Морачанин од ДОМ, иако лично не е против уставни измени во кои ќе се внесе бугарската заедница во Преамбулата.

Од ЛДП пак, велат дека остануваат  на заклучоците кои Централниот одбор на партијата - да даде поддршка на евроинтеграциите, но со утврдените црвени линии: македонски јазик без никакви додавки или објаснувања и заштитени историски и културни особености на македонскиот народ.

 „Протоколот се уште не е официјално разгледан од партиските тела, но првиот впечаток е дека во него нема некои императивни (обврзувачки) норми за државата. Сепак, ќе ја следиме неговата имплемнатација, и согласно утврдените црвени линии, доколку увидиме прекршување соодветно ќе реагираме“, велат од партијата на Милевски чии пратеници гласаа за заклучоците за преговарачката рамка.