Македонија
2. November 2023 - 16:47

Османи: Постепената интеграција на Западен Балкан мора да почне сега

Постепено приближување на земјите од регионот кон европското семејство, побара министерот Османи. Од денешната министерска конференција во Берлин посветена на проширувањето на Унијата, македонскиот шеф на дипломатијата порача дека со отворање на вратите од внатрешниот пазар, европските фондови и вклучување во европските институции без право на глас, земјите кандидатки ќе го надминат чувството дека само го губат времето со празни ветувања.  

По 20 години од Солунската агенда, потребно е да се смени сегашниот бинарен пристап на сѐ или ништо, каде една земја се додека не е членка на Унијата не е вклучена во политиките или институциите на ЕУ или нема пристап до фондовите на ЕУ. Наместо тоа, секој кандидат, преку успешно спроведување на реформите и усогласувањето на своите политики со оние на ЕУ, треба да напредува со сопствено темпо преку постепена интеграција” - истакна Османи.

Проширувањето на Унијата никогаш не било повисоко на европската агенда, потврди и германската министерка за надворешни работи. Бербок сепак вели дека на Унијата и претстои период на внатрешно реформирање. 

Министерската конференција, чија цел е размена на мислења во однос на подготовеноста на Унијата за проширување и на идните земји членки, се одржува непосредно пред Европската комисија да го објави својот пакет за проширување заедно со извештаите за земјите кои ќе дадат препораки за конкретни чекори за кои Европскиот совет ќе одлужува на самитот во декември.