Македонија
16. јуни 2023 - 16:31

Организацискиот директор на Кардиохирургија најавува оставка, клиниката од идната недела без раководство

По разрешувањето на Сашко Јовев и организацискиот директор на Државна кардиохирургија најавува повлекување од функцијата. Гани Фетаи за Сител потврди дека деновиве ќе поднесе оставка од приватни причини со што клиниката останува без раководен кадар. Веќе две недели нема медицински менаџер по смената на кардиохирургот Сашко Јовев за кого во одбрана застанаа пациенти, вработени, лекари и здруженија кои побараа од министерот да ја смени одлуката. Меџити, пак, решението го правдаше со нерегуларности во работењето кои ги утврдила Комисија која лично ја формирал. Јовев грешел со дежурства и евиденции за што опозицијата неколкупати ги прозиваше здравствените власти   – зошто нема  одговорност и за вториот директор кога имаат врзани потписи.

Од Министерството за здравство побаравме одговор кога ќе биде назначен медицински директор и од каде ќе биде – дали од редовите на вработените или надвор од установата, меѓутоа кратко ни одговорија дека нови назначувања нема.

Кога министерот објави за  одлуката за смена на Јовев, кажа дека тоа место партиски и припаѓа на СДСМ и тие треба да предложат нов кандидат. Засега имиња нема а неофицијално неколкумина одбиле да ја прифатат оваа функција.

Јовев на директорката позиција беше неполни 5 години и во неговиот мандат почна и беа направени неколку трансплантации на срце.