Македонија
23. July 2026 - 10:26

Одбележани 14 години од големиот пожар над Струмица во кој загинаа четири лица

Пред споменикот на загинатите од големиот пожар кој избувна над Струмица и притоа загинаа четири лица, а десетина беа повредени, денеска беа одбележани 14 години од овој трагичен настан. 

Во пожарот животите ги загубија браќата Пено Стојанов и Блажо Стојков од село Рич, Војо Гркљанов од село Вељуса и Мите Ѓеоргиев од Струмица.

- Времето создава дистанца од настаните, но не и од нивното значење. Времето не може да избрише спомен за искрено херојство и жртва. Затоа, денес оддаваме  почит на луѓето чии животи останаа трајно поврзани со историјата на нашата Струмица. Пожарите оставаат последици врз природата, семејствата, во заедницата и во  сеќавањата. Затоа, секоја година кога се собираме на ова место потсетуваме дека со секоја несреќа секогаш сведочат човечки судбини, рече градоначалникот Петар Јанков.

Цвеќе положоја претставници на семејствата на загинатите, градоначалникот и претставници на Советот на Општината, политички партии и граѓани.

 

МИА