Притвор за директорката и двајца раководители од гостиварски „Комуналец“
Затоа што гостиварци речиси 20 дена пиеле и користеле вода загадена со фекалии, Обвинителството бара 30-дневен притвор за в.д. директорката на ЈП „Комуналец“ и двајца раководители. Засега, според Обвинителството, токму тие тројца се одговорни за епидемијата што го зафати Гостивар и ги преполни болниците со пациенти со симптоми на труење.
Скандалот се разоткрива по анонимна дојава на 16 јули, кога од Обвинителството наредиле итно да се излезе на терен. При извршениот увид, инспекторите констатирале дека на местото има поставено три потопни пумпи, од кои две се уште работеле.
На 16.7.2026 година од страна на МВР, ОВР Гостивар, ПС Гостивар, како дежурен јавен обвинител бев известена дека од страна на загрижени граѓани е пријавен настан дека во село Вруток, во водоводниот систем се пренесува вода однадвор, со што се загадува водата во водоводниот систем со кој се снабдува целиот град. Утврдено е дека пумпите се во функција и во моментот на извршување на увидот со истите пумпи се извршува внесување на вода од каналот со непреработена вода внатре во водоводната преливна комора.
Тоа значи дека пумпите, поставени уште на 25 јуни со цел да се тестира притисокот, непречено работеле се до 16 јули, цели 20 дена. Преку потисни црева поставени низ преливниот отвор, заматената и штетна вода со колиформни бактерии од отворениот канал се слевала директно во затворениот систем и комората од каде што со вода за пиење се снабдува целиот град.
Лабораториските анализи на мострите покажале шокантна слика. Инспекторите на терен утврдиле дека водата во каналот била и со око видливо нечиста. Во отворениот канал на водата е измерено енормно загадување од речиси 2.500 колиформни бактерии, иако максимално дозволено е само 50.
На денешниот брифинг, тимот од петмина обвинители кои работат на случајот, на прашањето дали од претпријатието можеле на своја рака да ги постават пумпите без одобрение од Општината, одговорија дека на осомничените најверојатно им била потребна потврда и соодветна документација.
Сепак, еден од обвинителите нагласи дека за градоначалникот засега нема никакви докази за вмешаност во епидемијата. Засега, овластени лица со него направиле само разговор и составиле службена белешка. Истрагата ќе треба да утврди дали одговорност има и кај директорот на гостиварската болница, бидејќи не алармирал порано за симптомите на труење кој нагло се зголемил.
Од Обвинителството се децидни дека истрагата не е завршена и за секој за кого ќе се обезбедат докази дека е на каков било начин инволвиран или потфрлил, ќе биде опфатен во постапката.
На терен во Гостивар атмосферата е напната, а револтот кај граѓаните се повеќе расте.
Водата во Гостивар е забрената за секаква употреба од петокот.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
