Македонија
21. July 2026 - 16:42

Политички препукувања за скандалот со водата за пиење во Гостивар

Скандалот со загадената вода за пиење во Гостивар ја разгоре политичката сцена. Власта и опозицијата меѓусебно си ја префрлаат вината и бараат одговорност за епидемиолошката состојба и загрозеното здравје на граѓаните. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ со директни обвинувања до градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани. Владејачкото мнозинство смета дека тој мора да поднесе морална одговорност и оставка бидејќи, како што наведуваат, е одговорен за раководителите на општинските претпријатија кои ги назначил.

Опозициската СДСМ пак вината ја насочува кон централната власт. Филипче за време на посетата на Гостивар обвини дека под раководство на премиерот не постои политичка и морална одговорност, а граѓаните се оставени сами на себе. Филипче праша зошто Центарот за јавно здравје не ја испитувал водата секојдневно и алармираше за потенцијални нови здравствени ризици доколку не се преземат итни мерки.

Од Левица велат покрај локалните пропусти во управувањето со водоводот, сериозно потфрлил и здравствениот систем. Овој случај го оценија како резултат на децениска партизација на институциите.

Со писмен став се огласија и од коалицијата ВЛЕН, од каде соопштија дека го поздравуваат преземањето мерки од страна на институциите и порачаа дека ќе има одговорност за состојбата во Гостивар.

-Секој што, со дејствување или недејствување, придонел за овој скандал, мора да одговара пред правдата. Здравјето на илјадници граѓани на Гостивар беше загрозено како последица на негрижата и лошото владеење, а ова не смее да помине без одговорност, како што се случувало многупати во минатото. Очекуваме темелна, независна и сеопфатна истрага што целосно ќе го расветли случајот.

Додека партиите го користат случајот за меѓусебни политички пресметки, жителите на Гостивар се уште чекаат конечни одговори од надлежните институции кој е вистинскиот виновник за загадувањето и кога повторно водата ќе биде безбедна за пиење.