Бизнис
8. May 2026 - 16:45

Од понеделник поевтинуваат горивата?

Од понеделник нова, пониска цена на горивата, очекува премиерот Мицкоски. Оптимизмот се должи на неделниот пад од над 6% на двата типа нафта, по највата за можен договор и крај на војната меѓу САД и Иран. Но денешните напади  во Ормутскиот теснец меѓу нив, повторно ја вивна цената над 100 долари за барел. Сепак, во пресметките на Регулаторната комисија се зема во предвид неделниот просек на цените на горивата.

За 10-тина дена истекувааат и владините мерки за пониско ДДВ и акцизи. Тогаш завршува и попустот кој ОКТА им го даде на нафтените компании. Министерката за енергетика вели дека внимателно се следи состојбата. Ако има потреба, повторно ќе се носат мерки и ќе се преговара со ОКТА.

Објавените податоци за ОКТА покажуваат дека заработката во првиот квартал им е за 10 пати повисока отколку во истиот период лани. Можна причина е пушениот продуктовод, низ кој до сега поминале 30% од планираните годишни количини. Недостиг од нафта за сега не се очекува, но ако се појави, ќе запре испораката за граѓаните од соседството кои точат гориво кај нас.  

Ако војната потрае и цените продолжат да растат, премиерот вети дека ќе го намали ДДВ кај храната. Но опозицијата обвинува - Владата доцни со мерки. Цените растат, а граѓаните осиромашуваат.

Синдикалната потрошувачка кошничка во април достигна речиси 69.000 денари, а граѓаните имаат сè помалку пари и сè потешко преживуваат од месец во месец. 

- ВМРО-ОКГ и Мицкоски одбија да го укинат ДДВ на храната, одбија да го намалат ДДВ на горивата на 5%, одбија да ги намалат цените на патарините и одбија да воведат било какви мерки за заштита на стандардот на граѓаните, изјави Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ.

Според СДСМ, владата доцни и со исплатите за социјално и здравствено осигурување, затаоа што пари во буџетот нема. Преземените владини мерки пак, за помош на граѓаните, според премиерот дневно го чинат буџетот по еден милион евра.