Од отпад до „црно злато“: Рецепт за здрава Преспа
Во срцето на Преспанскиот регион се развиваат инспиративни приказни кои покажуваат дека грижата за животната средина започнува од сопствениот двор и од училишните клупи. Преку компостирање на органски отпад и едукација уште од најмали нозе, локалното население гради нов модел на соживот со природата.
Замислете да имате фабрика за ѓубриво во вашиот двор која не чади, не мириса лошо и е потполно бесплатна. Тоа го прави земјоделецот Игор Фузевски веќе десетина години. Наместо да ги фрла гранките од јаболката, лушпите од компирите или талогот од кафето на депонија, тој прави нешто што се вика компостирање.
„Процесот на компостирање бара време. Најпрво се реди хартија, картони, гранки, од остатоци од насадите и треба да се реди зелена и кафеава смеса, односно зелен и кафеав отпад. Во кафеав отпад спаѓаат гранките, спаѓа сено, спаѓа пилевина од дрвата за огрев што ги користиме, лисја на есен. А зелен отпад е тревата, производи кои веќе не може да се продадат, наместо да одат на ѓубриште и се реди слој по слој. Е сега, компост отприлика за три месеци може да се направи квалитетен компост, меѓутоа бара работа. Секојдневно не, ама на неколку дена бара да се меша целата таа, целиот тој компост да се меша за да се... и нормално да се одржува влага“, објаснува тој.
На овој начин, квалитетот на родот е многу подобар, а вкусот на производството не се споредува, ќе ви каже Игор.
„Одгледуваме малинки, компири, одгледуваме градинарски култури за наши потреби кои сепак сакаме прво ние како фамилија да ги искористиме за нас“, вели Фузевски.
Освен еколошките придобивки, тука е и економската логика. Во време кога цените на вештачките ѓубрива растат, домашниот компост нуди алтернатива.
„Ѓубривата се поскапени и затоа и тоа е една придобивка што можеме да ја добиеме. Нормално секој во границите на можностите. Сега ако имаат и големи компостари што произведуваат многу повеќе компост, што можат и пример да го продадат. Значи во секој случај е економски исплатливо затоа што помалку пари трошиме на ѓубриво“, ни рече тој.
Едукацијата од најрана возраст е клучна. Во подрачното училиште „Мите Богоевски“ во село Јанковец, екологијата не е само лекција во учебник, туку практична акција. Учениците овде се вклучени во бројни еко-активности. На пример, со поддршка на месната заедница, лани го исчистиле и средиле целиот училишен двор.
„Преку таквите практични примери, преку тие секојдневни активности, исто меѓународните денови секогаш ги практикуваме креативно да ги правиме, да ги означиме на креативен начин. На тој начин и ние реупотребуваме, редовно реупотребуваме картони, пластика, стакло за да ги направиме тие изработки. Учествуваме во Генералка викенд“, кажа наставничката Даринка Веслиева.
Одговорност за здравите навики, имаат и родителите.
„Ние возрасните сме вистински пример и први примери на нашите деца. Тие додека се осознаат самите, тие не' имитираат често, не' имитираат нас возрасните и несвесно ги правиме оние постапки што можеби негативно влијаат на нив. Сите сме заедно одговорни за нашата средина и дека треба сите заедно да гледаме да сме поодговорни кон нашата средина, дека земјата нас не ни е во наследство од нашите предци, туку таа ни е позајмена од нашите деца“, вели таа.
Дека навиките, полека но сигурно, се менуваат, е очигледно, велат познавачите. Се што е потребно за компостирање има, потребно е само добра волја.
„Веќе и училиштата и градинките, семејствата се исто така опфатени, земјоделците се опфатени... Веќе имаат и обиди да компостираат во рамки на институциите во коишто работат или на домаќинствата, што значи има волја кај граѓаните, меѓутоа сепак треба да помине едно извесно време за да се „препрограмираме“ во тој дел на размислување“, изјави Марија Евтимовска, проектен менаџер на „Еко-герила Преспа“.
Ова е приказна за луѓе кои самите решија да бидат корен на здрава и зелена иднина. Како доказ, дека патот до почиста Преспа не е поплочен со големи ветувања, туку со мали, но секојдневни чекори.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
