Обвинителството ќе бара лица кај кои се аплицирале недозволените ботокс и филери
Аферата ботокс испрати шестмина во затворот во Шутка, четворица во домашен притвор, а деветмина останаа без патни исправи. Вакви мерки за обезбедување одреди судот за 19мината осомничени за шверц и незаконско аплицирање на ботокс и филери.
Според истрагата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, осомничени се тројца лекари од болницата 8 септември, еден од Универзитетскта клиника за дерматологија, сопственици на приватни дерматолошки ординации, еден цариник и еден таксист. Сите заедно, според обвинителството, формирале криминална група за незаконски увоз на фалсификувани лекови и медицински помагала за естетски интервенции. Во меѓувреме, се истражуваат ефектите од недозволените медицински средства, а се бараат и лицата кај кои биле аплицирани ботоксот и филерите.
„Од страна на МАЛМЕД, обезбеден е доказ со кој што реално ни потврдуваат дека таквиот вид претставува лек кој не би смеел да се аплицира врз пациенти без да се има одобрениe од страна на МАЛМЕД. Сето ова во текот на истражната постапка ќе се испитува дополнително кои би биле последиците од евентуалното аплицирање врз пациенти. До овој момент немаме точен податок врз колку пациенти истиот лек е аплициран и во колку наврати. Очекуваме во текот на истрагата да ги утврдуваме барем дел од лицата кои би можеле да се појават во својство на оштетени“, изјави Фатон Азизи, Јавен обвинител во ОЈО ГОКК.
Случајот го следи и Лекарската комора. Од таму за Сител велат дека досега немаат барање за преземање санкции против осомничените доктори. Апелираат до пациентите да користат здравствени услуги само во установи со гарантирана безбедност за нивното здравје.
„За да преземеме конкретни мерки, потребно е да се исполнат законските услови – односно да добиеме барање од надлежна институција или да имаме правосилна судска пресуда која утврдува пропуст во лекувањето или прекршување на етичките норми. Досега до Комората за овој случај не е поднесено никакво официјално барање за спроведување на било каква постапка. Во насока на подигнување на свеста кај пациентите истакнуваме дека здравствени услуги треба да се добиваат исклучиво во здравствени установи, каде безбедноста на пациентите и квалитетот на услугите треба да бидат загарантирани“, велат од Лекарската комора.
Нелегитимните медицински третамни и потребата на недозволени препарти го осуди Сојузот на стопански комори во кои членуваат компаниите од здравствениот сектор. Велат дека се цврсто посветени на заштита на пациентите и не толерираат злоупотреби во здравството.
„Ваквите дејствија, доколку се потврдат од надлежните институции, претставуваат сериозно нарушување на медицинската етика, директна закана за здравјето на пациентите и грубо поткопување на довербата во здравствениот систем“, пишуват од ССКМ.
Со акцијата за разбивање на криминалната група која увезувала и аплицирала ботокс, полицијата на повеќе локации во Струмица, Битола и Скопје биле пронајдени големи колични на филери, ботокс и хилурон, близу 40 илајди евра, швајцарски франци како и еден автомобил порше.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
