Во Центар платени 3.360 евра за квадрат – Цените на становите растат
Цените на становите уриваат рекорди. Во Центар стан од 50 квадрати е продаден за 168 илјади евра или 3.360 евра за квадрат. Агенцијата за катастар го објави Извештајот за 2 квартал годинава, кој покажува дека растот на цените продолжил.
Кај старите станови, најголема постигната цена по метар квадратен регистриран е во Охрид. За 66 квадрати платени се 211 илјади евра или 3,200 евра за квадрат.
Споредено со првиот квартал, бројот на продадени станови е зголемен за 37%, додека нивната вкупна финансиска вредност е зголемена за 43 отсто, односно за нив се платени 350,5 милиони евра.
Регистарот на цени и закупнини покажува дека најголем број продажби има во скопските општини Аеродром, Гази Баба, Карпош и Центар. Во помалите општини, како Кратово, Радовиш, Берово, Неготино за 3 месеци се продава по еден стан.
Од анализата која ја направи Катастарот, најскап квадрат граѓаните плаќаат во Центар и Карпош, во просек по 2,000 евра, додека најевтин во Струмица, каде квадрат чини 760 евра. Во споредба со првиот квартал, цените во атрактивни локации се движеле од 1,500 до 1,700 евра за квадрат. Но ако сега се погледнат огласите за продажба, на истите локации, тешко се наоѓа квадрат под 2,500 евра.
Со продажбата на станови, расте и бројот на продадени гаражи. Катастарот објави дека во 2 квартал продажбата е зголемена за 34 проценти, додека пак нивната вредност пораснала за скоро 50 отсто, во однос на првиот квартал годинава.
За разлика од становите, кај закупнините ситуацијата е поинаква. Таму е регистриран пад од речиси 17 отсто во сите категории – и кај издавањето на станови и куќи, но и на деловни простории.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
