Македонија
15. September 2026 - 16:35

Кривична против градоначалниот на Струга, Ќура

Струшкиот градоначалник Менди Ќура заработи кривична пријава поради сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. Тој, во својство на градоначалник на општина Струга, спротивно на одредбите од Законот за основно образование, донел одлука и незаконски разрешил директор на едно основно општинско училиште, по што назначил друго лице за в.д. директор. 

Тоа го направил иако знаел дека ново назначеното лице нецелосно ги исполнува условите пропишани во член 118 од Законот за основно образование, стои во соопштението на МВР.

Неправилностите биле утврдени и од инспекцискиот надзор, извршен од Државниот просветен инспекторат.

Инаку ова е втора кривична против Ќура откако во април годинава беше осомничен дека назначил в.д. директор на ЈП „Водовод и канализација“ Струга, без соодветно образование и сертификат за познавање англиски јазик а претходно заработи и прекршочна пријава поради непочитување на Законот за употреба на знамињата на заедниците.

И покрај нашите обиди не успеавме да добиеме став од кабинетот на градоначалникот Менди Ќура, според најавите тој е на службено патување во Америка.