Македонија
5. August 2026 - 16:34

Новиот директор на ФЗО Златко Перински бара начини како да се спречи злоупотребата на долгите боледувања

Поинтензивни контроли на долгите боледувања за да се спречи злоупотреба и да се намали одливот на пари од Фондот за здравство е еден од приоритетите на новиот директор Златко Перински.

Тој на брифинг информираше дека се проверува дали се оправдани отсуствата од работа на граѓани повеќе од една година. Според податоците од ФЗО само лани околу 25.000 лица користеле боледување подолго од 1 месец, а од здравствената каса за оваа намена исплатени се над 1 милијарда и 700 милиони денари. Контролирани се 980 отсуства од работа.

Анализите покажуваат дека најмногу боледувања има во МВР, АРМ, Царина, но и кај вработени во здравството. 

Перински најави и забрзување на процедурите за лекување во странство, но и проверка за успешноста на интервенциите направени надвор што беше и една од забелешките на Државниот завод за ревизија.

- Во моментот, иако се трудиме да комплетираме документации, три сектори се вклучени во функционирањето на лекување во странство и еден предмет е распореден во три сектори и нема континуитет, а на годишна основа трошиме просечно 500 милиони денари. За тоа формираме посебна работна група која ќе треба да ги канализира предметите кои се само за 2026 година, бидејќи се многу за изминатите години, затоа што ниту мериме степен на успешност на интервенции, ниту водиме есап кои клиники даваат најсоодветни услови во делот на одредени односи, и тука се остава простор за манипулација и тоа ќе го превенираме, рече на брифингот директорот на ФЗО Златко Перински.

И издавањето на ортопедски помагала за кои нема горна граница на трошоци ќе бидат под лупа на новиот менаџер на ФЗО. За да се спречи непотребен одлив на пари од фондовската каса, Перински рече дека мора да се забрза процесот на дигитализација и електронско поврзување на Фондот со сите институции со кои разменуваат податоци.