Македонија
5. August 2026 - 16:35

Нови обвинувања за францускиот предлог

Владата подготвува терен за прифаќање на францускиот предлог. Андреј Жерновски од СДСМ на прес-конференција обвини дека Владата свесно лажела за можни специјални услови, одложено дејство, или членство во Европската унија без право на глас, а сега веќе нема простор за маневрирање.

Нашите информации од Брисел говорат дека владата на Мицкоски тоа веќе го договорила. И тоа се јасни сигнали коишто пристигнале и од Брисел и од Берлин и од Париз. Се обидуваат да направат стратегија како да го прикажат како победа она коешто до вчера за нив беше лага и велепредавство, вели Жерновски.

МНР експресно ги отфрли тврдењата на СДСМ за тајни преговори со Бугарија, нагласувајќи дека нема отстапки од националните интереси на патот кон ЕУ.

Оттаму велат дека институциите редовно комуницираат со европските партнери, но дека нема таен договор, ниту преговори што би значеле отстапки од идентитетот, јазикот, историјата и националните интереси.

„Наместо да понесе одговорност и да се извини за штетата што ја нанесе врз националните и надворешнополитичките позиции на државата, СДСМ повторно пласира груби невистини и конструкции. Тврдењата за постоење таен договор или тајни преговори се само уште една во низата измислици што СДСМ ѝ ги пласира на јавноста. Нема отстапки од националните интереси, идентитетот, јазикот и историјата. Полноправното членство во Европската Унија останува стратешка определба и крајна цел на оваа Влада“, се посочува во реакцијата, во која се додава дека надворешната политика се води одговорно, принципиелно и во согласност со националните интереси и волјата на граѓаните“, велат од МНР. 

Препукувањата меѓу власта и опозицијата доаѓаат откако шефот на дипломатијата неодамна во интервју за МИА рече дека се водат разговори „под радарот“ за трајно и одржливо решение за деблокада на процесот кон ЕУ. Рече и дека нема да има решение решение по секоја цена и решение што само по себе нема да биде одржливо.