Македонија
22. September 2026 - 16:31

Шверцувале цигари и лекови, цариник им давал информации за контролите

Цариник на Богородица давал упатства кога е на смена и на која лента е распореден, па пропуштал возила во кои се шверцале тутун, цигари, лекови, суплементи за подобрување на сексуалната функција наменети за македонскиот пазар.

Вкупно осум лица се опфатени во вчерашната акција на Обвинителството за организиран криминал и на полицијата. Шестмина се приведени, а истражните органи трагаат по две лица. 

Акцијата е резултат на докази обезбедени од анализа на податоци екстрахирани од мобилен телефон на првоосмничениот, 52-годишен тетовец. Телефонот бил одземен уште во јануари при претрес во неговиот дом, кога истражните органи пронашле цигари, но и поголема сума пари во денари и девизи. При вчерашните претресите во Скопје, Тетово и Гевгелија пронајдени се големи количини на лекови, но нешто помалку од 100.000 евра, и 16 златни плочки. 

При претресите биле пронајдени поголеми количини препарати наменети за третман на дијабетес, срцеви и кардиоваскуларни заболувања, невролошки и психијатриски состојби, ревматолошки и автоимуни заболувања, заболувања на дишните патишта и воспалителни заболувања на цревата, како и антибиотици, кортикостероиди, хормонски препарати, инсулини, антикоагуланси и бензодиазепини. Пронајдени се и „KAMAGRA oral jelly“, кој се издава со лекарски рецепт, како и други производи за подобрување на сексуалната функција и потенцијата во форма на таблети, гелови, пасти, мед и чоколади, велат од ОЈОГОКК.

Клучна улога во шверцот имал цариникот. Службеникот добил ветување за парична награда доколку пропушти возило во кое се пренесувале цигарите, а откако тоа ја поминало границата и влегло во Македонија, парите за услугата ги добил од еден од двајцата осомничени турски државјани.

Според доказите обезбедени во досегашната постапка, во периодот од 2024 до 2026 година првоосомничениот, избегнувајќи ја царинската контрола, преку царинската линија пренесувал непријавени акцизни стоки – цигари. Во криумчарењето му помагале повеќе осомничени, меѓу кои и царински службеник кој го информирал за своите смени, лентата на која бил распореден и за засилените царински контроли, овозможувајќи непречено пренесување на стоката.

Криумчарените цигари потоа биле пуштани во промет без акцизни марки, а дел од осомничените ги купувале и препродавале иако знаеле дека потекнуваат од криумчарење, велат од Обвинителството за организиран криминал. Членовите на групата, во зависност од своите дејствија, ќе одговараат за Криумчарење, давање и примање поткуп, перење пари, избегнување на плаќање акциза, прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење, повреда на права на индустриска сопственост, производство и пуштање во промет на штетни средства за лекување.