Македонија
22. September 2026 - 16:31

Лекарска комора го осуди физичкиот напад врз гинекологот Огненовиќ

Нападот врз гинекологот др Дејан Огненовиќ остро го осудија од лекарската комора. Оттаму потенцираат дека насилството не смее да биде начин на кој ќе се решаваат спорови во здравствените установи, без разлика дали станува збор за несогласување меѓу пациенти и лекари или меѓу самите здравствени работници. Од лекарската комора потсетуваат дека нападот врз здравствен работник на работно место се третира како напад врз службено лице за што е предвидена и затворска казна.

Во моментов Комората нема добиено официјално известување и детали за настанот, ниту од докторот кој е засегнат ниту од полицијата, а Комората нема надлежност да спроведува истраги. Доколку добиеме информација за настанот, таа ќе биде соодвено разгледана. Апелираме до надлежните институции за брзо постапување и расветлување на околностите во кој се случил инцидентот и соодветно санкционирање на сторителите.

Во меѓувреме, од МВР велат дека се уште работат на целосно расчистување на случајот. Од полицијата засега не откриваат детали дали напаѓачот е идентификуван или пронајден, но велат се преземаат мерки во координација со надлежното обвинителство, по што ќе биде поднесена кривична пријава. Гинекологот Огненовиќ вчера за Сител сведочеше за нападот и рече дека инцидентот бил последен во низата закани, притисоци и опструкции со кои се соочувал изминатиот период во својата ординација која е под концесија во поликлиниката Букурешт. ТОј се сомнева дека целта на овие притисоци е негово отстранување од поликлиниката зад што според него стои неговата конкуренција.Инцидентот се случил на 16 септември, среде работно време додека докторот прегледувал пациенти. ПРи нападот тој се здобил со сериозни повреди, скршен вратен пршлен.