За 3 години изгореле речиси 83 илјади хектари шума, штетата е над 133 милиони евра, констатира ДЗР
Системот за заштита и спасување има закони и институции, но нема доволно луѓе, опрема и современи планови за да одговори на голема катастрофа. Новиот извештај на Државна ревизија покажува дека слабостите во системот се познати со години, но голем дел од реформите останале само на хартија.
Државата нема усвоена Национална стратегија за заштита и спасување. Последната важела до 2018 година, додека новата за периодот 2026-2030 сè уште не е усвоена. И клучната Национална процена на загрозеност е стара речиси две децении – датира од 2007 година.
На локално ниво ситуацијата не е подобра. Во 7 од 47 анализирани општини нема донесено ниту годишна програма за заштита и спасување, а во голем дел од останатите плановите се застарени. Колку може да чини ваквата неподготвеност покажуваат шумските пожари. Од 2023 до 2025 година изгореле речиси 83 илјади хектари шума, со повеќе од 914 илјади кубни метри изгорена дрвна маса. Само директната штета на дрвото е проценета на над 133 милиони евра.
Ревизорите нотираат дека за три години за сервисирање, резервни делови и осигурување на Ер Тракторите биле потрошени околу 2 и пол милиони евра. Нема анализа дали ваквите вложувања се економски оправдани.
„Во делот на ресурси состојбата значително е подобрена. Ова лето после повеќе години ер тракторите беа благовремено сервисирани и ставени во функција пред стартот на сезоната на пожари на отворен простор. Бројот на противпожарни возила последните неколку години постепено се зголемува вклучувајки ги и специјалните возила на ДЗС (23 пинцгауери, 15 БТР и 5 хермелини, пренаменети во противпожарни возила)“, изјави директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Државата нема ниту посебен резервен фонд за катастрофи. Финансирањето се планира од година во година, додека дел од опремата и проектите се обезбедуваат со помош на европски и меѓународни донатори. Ваквиот систем, според Ревизија, во криза се потпира на прогласување кризна состојба, дополнителна мобилизација на ресурси или барање меѓународна помош, наместо однапред да располага со доволно свои капацитети.
„Ова лето немаше потреба од барање на меѓународна помош. Напротив, за прв пат од постоењето, ДЗС во Европскиот механизам за заштита и спасување декларираше два ер трактора за помош на други земји. И покрај постоечките слабости и недостатоци, ова лето Македонија најуспешно досега се справи со пожарите на отворен простор“, вели Ангелов.
Според ревизијата, системските слабости биле утврдени уште во 2014 година, а потоа нотирани и во европскиот скрининг во 2018 година.
Во меѓувреме, земјата се соочи со низа катастрофи. На пример, поплавите во Скопско во 2016 година однесоа 22 животи и оштетија повеќе од 5.000 објекти.
„Во 2024 и 2025 година повеќекратно се прогласувани кризни состојби поради пожари, што укажува на недоволни капацитети за ефикасно справување со катастрофи. Воедно, не е воспоставен систем за анализа, следење и оценка на ефективноста на делувањето на силите за заштита и спасување“, пишува во извештајот.
Сепак, има и позитивен пример. Охрид издвојува сопствени средства за противпожарна заштита, го исполнува законскиот минимум за пожарникари и ја интегрирал планинската спасителна служба во локалниот систем.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
