Македонија
13. September 2026 - 16:37

Оризот пред најтешка реколта, оризарите бараат итни мерки

Во Кочанско повторно се отвора прашањето за условите под кои ќе се одвива годинашното производство на ориз. Производителите бараат државата да преземе конкретни мерки со кои би се ублажиле последиците од состојбата во која се наоѓа оваа поледелска гранка. По средбата со министерот за земјоделство Борче Серафимовски, земјоделците очекуваат договореното да добие институционална потврда и да започне неговата реализација.

- Станува збор за две барања. Осум денара дополнителни за реколта 2025. Значи тоа се дополнителни 48 000 по хектар. И да се направи нова производна цена, затоа што нафта, препарати, губрива, се покачени, така да ние бараме новата производна цена да не е испод 35 денара и врз база на тоа, откупната цена да бид 50% над производната. Така што не само да преживуваме, туку и ние малку да живееме. Министерот вети дека целото тоа ќе биде прифатено, изјави Здравко Арсов, оризопроизводител од Облешево

Без прецизирање на датум за реализација, производителите велат дека од средбата заминале со очекување процесот да не се одложува. За нив, неизвесноста дополнително ја отежнува подготовката за претстојната жетва. Состојбата на терен годинава е особено тешка, со последици што ќе се одразат и врз приносите. 

- Оваа година ќе биде најкатастрофална реколтата од историјата на производството. Од 300 до 350 килограм по единица декар, додава Арсов.

Следниот период треба да покаже дали договореното на состанокот ќе биде преточено во конкретни мерки.