Започнува модернизацијата на пазарот во Ново Село, инвестиција вредна над 11,5 милиони денари
По цели 30 години од неговата изградба, пазарот во Ново Село конечно ќе добие нов, современ лик. Општината стартува со реализација на еден од своите најважни стратешки проекти , реконструкција и покривање на пазарниот простор, инвестиција вредна 11.581.700 денари.
Покриен простор, подобри услови за продажба на земјоделски производи и ставање во функција на празните деловни објекти , ова се главните придобивки од новиот проект за модернизација, вели градоначалникот Ѓорѓе Божинов.
Од локалната самоуправа очекуваат новиот изглед на пазарот дополнително да ја зголеми атрактивноста на Ново Село кое во последните години станува важен трговски центар не само за домашните посетители, туку и за голем број жители од пограничните места во соседна Бугарија.
Реализацијата на проектот ја поздравија и граѓаните. Пазарџиите кои секојдневно ги нудат своите производи велат дека конечно ќе добијат достоинствени и соодветни услови за работа, заштитени од временските непогоди.
Според најавите од општината, градежните работи треба целосно да завршат до крајот на оваа година.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
