Жените земјоделки докажаа дека се столбот на оваа гранка во Македонија - по 5 пат во Прилеп - „Млеко 2026“
Највкусното сирење во Македонија, бело, биено и секако домашен кашкавал. Сето тоа зачинето со сушено месно и домашни месни производи од сите видови, и на крај по желба залиени со лута, бела и жолта ракија или пак вино. Кој сака благо имаше и превкусен еколошки домашен мед.
По 5 пат во организација на SLOW FOOD PRILEP се одржа настанот Млеко 2026 - Корени и трпеза : Руралната жена денес.
„Сите знаеме дека жената игра голема улога во производството, во земјоделието, во сточарството, но сметаме дека истата не е доволно видлива. Затоа денес со овој настан сакаме истата да ја подигнеме на пиедесталот, истата економски понатаму да зајакнува, да го зајакнува својот бизнис, своето стопанство и да биде конкурентна на пазарот“, изјави Филип Петкоски, лидер на SLOW FOOD PRILEP.
„Целата брзина со која се менуваат работите не дозволува општо земјоделието да има некаков голем прогрес, а уште помалку жената. Поради тоа ја ставивме оваа тема годинава да биде централна, да се разгледа од повеќе страни“, додаде Елена Каровска Гошевска од SLOW FOOD MACEDONIA.
Жените земјоделки со огромна љубов го пренесуваат аманетот на нашите предци како во зејмоделието така и во ракотворбите и докажуваат дека се значаен стожер на нашето земјодлество.
„Да се биде жена и да се учествува на вакви пазари воопшто, како претставник на рурална жена од овие предели значи многу. Прво предизвик да ја задржиме традицијата, да учествуваме на нешто што нашите предци ни го оставиле како аманет и да не запреме со производството на традиционалните пијалоци, храна и се она што е наше исконско, македонско треба да си го чуваме. Заедно со руралната жена до трпезата на нашите клиенти“, истакна Цеца Видова Трајческа, земјоделец од Прилеп.
„Треба да ја зачуваме нашата традиција, бидејќи Македонија е доста богата земја, каде има доста добри работи и со тоа производство може само подобро да растеме како општество. Кога се работи нешто со љубов се се може, а резултатот на крајот верувајте е нешто најдобро. Треба да се работи тимски, ако сме семејство да работиме сложно и да стигнеме до успех“, рече Љупка Филипов, земјоделец од Кавадарци.
„Не само малите, особено поголемите да се охрабрат да го продаваат млекото и како продажни да се регистрираат, да не зависат од големите млекари, бидејќи тие го собираат кајмакот“, вели Игор Поповски, земјоделец од Битола.
„Ние веќе 150 години одгледуваме мед, ние сме трета генерација, медот ни е природен, пчелите ни се во тополчани. Со многу љубов ја работиме оваа работа и на нашите деца сакаме да им ја пренесеме оваа традиција.“, кажа Цветанка Ѓорѓиоски, земјоделец од Прилеп.
Овие саеми и базари треба да ги има што е можно почесто и повеќе, тие се место за промоција на нашето, домашно производство и промоција на малите земјоделски стопанства, темелот на оваа гранка кај нас.
-
Дарко Шаргоски
Сите содржини од овој новинар
